|

Зеленски: Путин ја губи војната, Русија трпи загуби на бојното поле и во економијата

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија трпи сериозни загуби на бојното поле и се соочува со економски проблеми поради војната против Украина, тврдејќи дека рускиот претседател Владимир Путин „ја губи војната“.

Зборувајќи за безбедносната состојба, украинскиот претседател нагласил дека на земјата ѝ се потребни повеќе ракети за воздушна одбрана и го најавил одговорот на Киев на моќниот руски воздушен напад извршен во текот на ноќта врз главниот град, пренесуваат украински медиуми.

Тој, исто така, оцени дека Русија дополнително ќе ги интензивира своите напади во наредниот период, особено со употреба на балистички ракети. Во исто време, тој рече дека украинските сили успешно ги таргетираат нафтените и воените објекти во Крим, кој Русија нелегално го анектираше, додавајќи дека ваквите напади создаваат сериозни проблеми за руското раководство.

Во меѓувреме, операциите за пребарување и спасување продолжуваат по катастрофалниот напад врз Киев, објави Државната служба за вонредни состојби на Украина.

Според најновите податоци, во нападот загинале 21 лице, додека 85 лица се повредени, вклучувајќи две деца.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, претходно објави дека 3 јули ќе биде прогласен за Ден на жалост во украинската престолнина во спомен на жртвите од нападот.

Украинските воздухопловни сили објавија дека Русија испалила вкупно 74 ракети од различни видови, вклучувајќи крстосувачки, балистички и хиперсонични ракети, и лансирала 496 дронови за време на нападот врз Киев и други делови од земјата. Министерството за одбрана на Украина објави дека противвоздушните сили собориле 48 ракети и 476 дронови.

 

Слични Објави