Жител на Кочани пронајден мртов во Љубљана, од МНР велат дека случајот го истражува полицијата
До Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана е доставено известување дека во текот на ноќта на 2 октомври животот го загубил македонски државјанин, роден во 1986 година во Кочани, соопшти Министерството за надворешни работи (МНР).
Според информациите од словенечката полиција, семејството на починатиот е веќе информирано, а случајот го истражува Секторот за криминалистичка полиција.
„Амбасадата на Република Северна Македонија во Љубљана е во постојан контакт со семејството на починатиот и со надлежните словенечки институции, со цел обезбедување на потребната конзуларна поддршка и следење на понатамошниот тек на постапката“, наведуваат од МНР.
Словенечките медиуми објавија дека 38-годишен маж од Северна Македонија бил пронајден мртов во центарот на Љубљана, а причината за смртта сè уште не е позната.
Порталот 24ur.com јави дека телото било пронајдено во раните утрински часови во четвртокот, а според неофицијални информации, мажот бил претепан до смрт – навод што полицијата засега не го потврдила.
„Полициските службеници извршија увид на местото на настанот, наредена е обдукција, а причината за смртта сè уште не е утврдена. Во тек е интензивна криминалистичка истрага. Надлежното државно обвинителство ќе биде информирано за сите наоди“, изјави портпаролката на словенечката полиција.
Полицијата, исто така, не ги потврди информациите дека починатиот бил пронајден во областа Метелкова.