18 години од смртта на Тоше Проески – гласот што го обедини Балканот
Денес, 16 октомври, се навршуваат 18 години од трагичната смрт на македонската музичка ѕвезда Тоше Проески, кој го загуби животот во сообраќајна несреќа на автопатот кај Нова Градишка, Хрватска, во 2007 година. Имаше само 26 години.
Во раните утрински часови, автомобилот во кој се наоѓаше пејачот се судри со камион. Проески, кој седел на совозачкото седиште, во моментот на несреќата спиел. Веста за неговата смрт ја потресе не само Македонија, туку и целиот регион, кој тагуваше по уметникот со златен глас и големо срце.
Британскиот „Би-би-си Њуз“ го нарече „балканскиот Елвис Присли“, а неговиот глас допре до милиони. Како амбасадор на УНИЦЕФ, Проески активно се вклучуваше во добротворни проекти и секогаш ја користеше својата слава за да помогне на оние на кои им е најпотребно.
Тоше Проески е роден на 25 јануари 1981 година во Прилеп, а неговиот талент се забележа уште во детството – на фестивалот „Златно славејче“ во 1992 година, каде настапи со песна на влашки јазик. Победата на „Мелфест“ во Прилеп во 1997 година ја означи пресвртницата во неговата кариера, по што следуваа настапи на сите значајни фестивали во Македонија и регионот.
Во 2004 година ја претставуваше Македонија на изборот за песна на Евровизија во Истанбул, а истата година стана и амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ. Во текот на кратката, но исклучително плодна кариера, издаде седум студиски албуми, меѓу кои и неколку на српско/хрватски јазик. Неговиот последен албум, „Игри без граници“, беше промовиран само две недели пред трагичната несреќа.
И по 18 години, споменот за Тоше не бледее. Неговите песни продолжуваат да живеат и да потсетуваат на човекот кој преку музиката ја ширеше најчистата порака – љубов без граници.
