| |

245 општини во Бугарија ќе добијат дронови со термокамери и современа противпожарна опрема

Дронови со термокамери, рачни, моторни и батериски алати за гаснење пожари, како и комуникациска опрема ќе добијат сите 28 регионални противпожарни служби во Бугарија преку проект на Министерството за труд и социјална политика, јавува БГНЕС.

Вредноста на поднесените проектни предлози изнесува 7 милиони евра, обезбедени по иницијатива на министерот Борислав Гуцанов преку Програмата „Развој на човечките ресурси“ (ПРЧР), кофинансирана од Европската унија.

Проектите ќе се реализираат во партнерство со 245 општини и Националната асоцијација на волонтерите. Целта е зголемување на капацитетите за справување со пожари и поплави и подобрување на координацијата меѓу професионалните служби и доброволците при спасувачки акции.

Иницијативата беше објавена по сигнали од волонтери дека често самите морале да купуваат опрема. Рокот за пријавување истече минатата недела, со голем интерес, информира Министерството.

Средствата ќе се користат и за обуки и заеднички вежби меѓу пожарникарите и доброволците, со цел подобра подготвеност за идни кризи.

Дополнително, Гуцанов најави уште една мерка за превенција и справување со последиците од катастрофи. Со над 40 милиони евра, повторно преку ПРЧР, општините ќе можат да ангажираат невработени за чистење на речни корита, дерета и за расчистување по бедствија. За таа цел, Министерскиот совет формираше и посебен координациски механизам за идентификување на ризични подрачја.



Слични Објави