34-годишник од Крива Паланка е загинатиот на градилиштето во Кисела Вода
34-годишник од Крива Паланка е загинатиот во несреќата што се случи вчера на градилиште во Кисела Вода.
– Вчера во 08:17 часот во СВР Скопје е пријавено дека на градилиште на ул.„Козјак“ во Скопје, при ископ на темели, со земја биле затрупани работници. Тројца работници се извадени и пренесени со возило на Итна медицинска помош во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, додека еден работник е пронајден починат, а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош, информираа вчера од полицијата.
Скопското обвинителство издаде наредба за обдукција за починатиот.
„Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција за починатиот. Државниот инспекторат за труд и Општинскиот градежен инспектор, исто така, ги истражуваат причините за несреќата и почитувањето на прописите за безбедност при работа“, порачаа вчера преку соопштение од ОЈО.

