Британскиот крал Чарлс III и премиерот Стармер приредија прием за лидерите од Западен Балкан во Лондон
Британскиот крал Чарлс III и премиерот Сер Киер Стармер приредија свечен прием во Лондон за лидерите на неколку држави од Западен Балкан, меѓу кои беа албанскиот премиер Еди Рама, косовскиот премиер Албин Курти, црногорскиот премиер Милојко Спајиќ и македонскиот премиер Христијан Мицкоски, јави БГНЕС.
На приемот присуствуваа и бугарскиот премиер Росен Желјазков, српскиот премиер Ѓуро Мацут, како и претседателката на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто.
Настанот беше организиран по повод претстојниот Самит на Берлинскиот процес и ја истакна важноста на креативните индустрии, младите и граѓанското општество за поттикнување на регионалната соработка, културната дипломатија и одржливиот раст.
Меѓу гостите беа и британската министерка за надворешни работи Ивет Купер, како и специјалната пратеничка за Западен Балкан, Дејм Карен Пирс.
Во своето обраќање Купер изјави:
„Ова е нашето заедничко искуство – да се обединиме по едно тешко минато, обележано со конфликти, и да можеме да гледаме напред со оптимизам кон заедничка иднина. Не станува збор само за безбедност и помирување, туку и за економски раст, нови можности, култура, индустрија и начини на кои можеме заедно да работиме на теми како миграцијата, економијата и трговијата.“
„Со сите овие теми и толку многу прашања за дискусија – но и со толку многу причини едноставно да се радуваме што сме заедно како дел од Берлинскиот процес,“ додаде таа, цитирана од Independent.
Приемот се одржа во пресрет на Самитот на лидерите од Западен Балкан, кој во среда ќе го биде домаќин премиерот Киер Стармер. Очекувано е учество на високо ниво од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, како и претставници од Австрија, Бугарија, Франција, Германија, Грција, Италија, Полска, Словенија и институциите на Европската унија.
Оваа година Берлинскиот процес има особено значење, бидејќи се одбележуваат 30 години од Дејтонскиот мировен договор, 30 години од геноцидот во Сребреница, 50 години од Хелсиншкиот завршен акт и 80 години од крајот на Втората светска војна и создавањето на Обединетите нации.
