|

Историја без смисла

Facebook статус на Никица Корубин

Историјата нема смисла, ако не се гледа во контекстот на времето во кое настанала. Тогаш тоа не е историја, туку гол популизам, егоистичен поглед, заглавен во величината на сопственото време. Заборавајќи дека и нашето време еден ден ќе биде историја. И затоа ако историјата не се разбира и истражува со правилата на сопственото време, тоа воопшто не е историја како научен пристап, туку историја како конструкт за потребите на нашето или нечие време или нашите или нечии интереси, сеедно.

Таа “историја без смисла” ја гледаме деновиве, но, ја гледаме и години наназад. Како наивно, површно и неуко; но истовремено и тенденциозно, наменски и смислено се “вадат од ракав” подобни историски личности и настани, а се кријат и бришат неподобни историски личности и настани. Историја по мерка. Само да се утврди точно чија е мерката, за да се види цела монструозност на вештачката конструкција на историјата, така како што е разбрана од естаблишментот: политичкиот, научниот, академскиот, медиумскиот, експертскиот. Барем, најголемиот дел, а особено влијателниот. Се разбира, како што секоја генерализација, во основа е погрешна, така и исклучоците од естаблишментот се попотребни од било кога.

Така разбрана историјата, воопшто не е историја, туку опортунизам од најлош вид, зачинет со длабоко поданичка свест, речиси на ниво на зависност од одреден наратив и се’ што произвел тој, на колективно, но пред се’ на лично ниво. Таа неверојатна потреба за контрола, контрола на самиот наратив, контрола на мислата, контрола на јавниот говор; е правопропорционална со стравот од губење на истата. Истата контрола, совршено компатибилна со авторитарноста на “едната вистина”, суштински спротивна на слободата на говорот, со која ја наметнува таа една вистина. Иако, за воља на вистината, слободата на говорот и не е некоја придобивка за оние кои секако имале слобода (и дозвола) да креираат, пропагираат и наметнуваат точно одреден наратив, наречен “историска вистина”.

Зошто историјата мора да биде добра и убава, за да биде наша? Таа замка, таа потреба да се биде секогаш исправен и чесен, речиси совршен кој може од висината на “правдата и борбата против злото” да држи лекции на другите, за нивната неисправност и нечесност, за нивното зло. Белким, било кој историски настан не го замислуваме како бајка, каде се борат доброто и злото, а ние се разбира сме исклучиво доброто. Кому помага ваква инфантилизација и наивност, кому воопшто служи лажење на самите себе? Или ајде, криење на многу факти? Да не се наруши “сликата”? Ама, ако сликата не е одраз на вистината или барем најблиску до неа, тоа не е слика која сакаме да ја имаме за себе. Никој не ја сака таа слика. Никој, кој има самопочит и самодоверба.

Историјата се настани кои се случиле. И на нив никој не може да има никакво влијание. Минато. Единствено што можеме е да го разбереме минатото. Така ќе ја разбереме и сегашноста. Да го разбереме времето, околностите и контекстот во кои се случиле. И токму затоа историјата, разбрана во научен контекст, како историографија која работи врз база на факти комплементарни со времето во кои се случиле и континуитетот кој ги предизвикал е сериозна и одговорна работа, а поигрувањето со истите, преку свесна манипулација, компромитација и сатанизација е во основа големо злосторство. Фалсификат на сопствената слика за себе. Несоочување со сознанијата, сеќавањата и фактите. Живеење во лага, доволно долго, за вистината да стане најголема опасност.
Археологијата е беспредметна, ако било кој наод не можеме да го ставиме во определен контекст. Ќе го држиме во рацете најубавото парче накит, ама нема да знаеме ништо за него, кој го изработил, како го изработил, од каде имал знаење да го изработи, зошто имал потреба да го изработи, од каде имал материјал, дали можеби го увезол, со кого комуницирал и како тргувал? Ништо нема да знаеме ако не знаеме ништо за времето, настаните и околностите, ако историската личност или настан ги гледаме сами за себе, како што тоа го правиме.

Тој привид, таа површност, таа фикција, не’ изолира и не’ осамува во конструкциите и наративите кои бесконечно ги повторуваме. Не како почит за минатото, туку како страв од минатото. Кое единствено можеме да го почитуваме, ако го разбереме. Такво какво што било, а не такво какво што некои сакаат да биде. Минато по мерка? Не може се’ по мерка. Нешто треба и со мерка да се направи. А, пред се’ со знаење. Ама, не она кое сака целосна контрола на се’.

Слични Објави