Потомци на бежанците од Кукуш ќе постават спомен плоча во Благоевград
Во Благоевград ќе биде поставенa спомен плоча по повод 110 години од бегството на жителите на градот Кукуш во 1913 година и нивното населување во Горна Џумаја, јавува БНР.
Предлогот е даден од Иницијативен комитет со претседател Ана Мицова. Идејата постои долги години и за неа разговараат наследниците на кукушките родови Мицови, Динови, Васкови, Малинови и Бoчварови.
Иницијаторите на идејата го истакнуваат значењето на Кукуш во револуционерната дејност за обединувањето на Бугарија. Подоцна Кукушанците имаат важно место во културниот, историскиот, економскиот и општествениот живот на Горна Џумаја.
Луѓето од Иницијативниот комитет сами ќе ја финансираат изградбата на споменикот, но бараат помош и дозвола за реализација на нивната идеја од општина Благоевград. Се очекува советот на општината да ја одобри идејата уште во текот на денешниот ден. Спомен плочата ќе биде поставена до споменикот на Георги Измирлиев-Македончето, кој се наоѓа пред зградата на општината.
