Намалена затворската казна на Марјан од „Доказ М”, за делот за уцените ќе се постапува одново
Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите информира дека донесе пресуда со која жалбата на Основното јавно обвинителство ја одби како неоснована, а жалбите на обвинетиот М. С. делумно ги уважи. Обвинетиот М. С. го осуди на единствена казна затвор во траење од (2) две години и (6) шест месеци и на глоба во износ од 5.000 евра во денарска противвредност – 308.450,00 денари.
На обвинетиот М. С. од С. му се изрекува и забрана за вршење професија, дејност или должност поврзани со кривичните дела, односно забрана да врши регистрација на домени и да се јави како регистратор или сопственик на портал за време од (6) шест години и престанок на регистрацијата на сите регистрирани домени во кои обвинетиот се јавува како сопственик на портал.
Пресудата на Основниот кривичен суд Скопје во делот за кривичното дело уцена е укината и предметот во тој дел е вратен на првостепениот суд на повторно судење од причина што првостепениот суд не ги утврдил со сигурност решителните факти кои се од влијание за правилна примена на материјалното право по однос на елементот од битието на кривичното дело уцена.
