Јотова повика на состанок на владите на Бугарија и на РСМ по инцидентот во Струга
Потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова во Варна изјави дека е време за средба меѓу владите на Бугарија и Република Северна Македонија и побара да се преземат посериозни мерки по последниот инцидент со граѓанин на РС Македонија со бугарски идентитет, јавува БНТ.
Доставувањето нота до македонскиот амбасадор таа го оцени како недоволна акција, бидејќи има информации дека се подготвува текст за промена на уставот на Северна Македонија, но во пракса нема никаков развој.
Потпретседателката Јотова повика да не заборавиме дека, покрај уставот на РСМ, треба да има измени и според потпишаните заеднички протоколи, кои зборуваат за промени во учебниците, оценување на историски датуми и личности и отворање на досиејата на УДБА, но ништо од ова не е направено.
Јотова подвлече дека, ако дојде до промена на позицијата на Бугарија во однос на т.н. француски предлог, тоа би било еднакво на предавство.
