|

Невозможна мисија: никој не крева за закажувања термини за лични документи; МВР: Нема застој

Низа критики на адреса на Министерството за внатрешни работи се упатени изминатите денови. Граѓаните се жалат дека системот преку кој се закажува термини за издавање на лични документи не работи. Тие посочуваат дека линиите фунцкионираат, но од другата страна, оператор не одговара на повиците. Некои од нив ѕвонеле и по цел ден, но залудно. За системот е задолжена фирма која ги закажува термините, а потоа, ги предава на МВР. Проблем досега не е пријавен.

Писателката Ксенија Николова преку социјалните мрежи упати и критика. Таа го сподели нејзиното искуство.

„Системот не само што не функционира туку е неверојатно погрешно направен, небаре сами побарале да им направат систем кој намерно е создаден за да не им заврши работа на граѓаните. Прво, не можеш да одбереш пакет на документи одеднаш, на пример не можам да одберам дека сакам промена на сите три документи што е секако моменталната потреба на секој од нас. Мораш за секој документ посебно да закажуваш. Второ, треба да погодуваш кој термин е слободен, зашто системот не ти покажува слободни термини во наредниот период, туку едноставно како игра на среќа одбираш датуми, за после да ти излезе едно прозорче дека нема слободни термини во тој ден, во тој час. Па пак одново и така во круг. Трето, кога конечно ќе помислиш дека решението е да одбереш термин во ноември, тогаш ти излегува прозорец дека можеш да закажеш термин само во наредните 60 работни дена“, реагира таа.

Николова апелираше до службите на МВР да се јавуваат на повиците на граѓаните.

Редакцијата на „Макфакс“ исто така безуспешно се обиде да закаже термин. Со часови ниту еден оператор на телефонскиот број за закажување не се јави.

Министерството за внатрешни работи извести дека не постои застој во нормалното функционирање – ниту на економскиот оператор кој што за сметка на МВР го сервисира повикувачкиот центар, односно неговите 12 повикувачки линии, ниту пак во организационите единици при Одделот за граѓански работи кои што на дневна основа примаат повеќе стотици апликации од граѓани за различните видови лични документи.

– Факт е дека во овој летен период се зголемува обемот на барања за вадење на лични документи. На состојбата дополнително влијае и назначениот рок за замена на старите лични документи кои го содржат името „Република Македонија“, со нови со името на државата Република Северна Македонија, рок кој што истекува во февруари (12.02.2024) до кога согласно законските прописи мора да се променат личните документи (пасоши, лични карти, возачки дозволи) без оглед на роковите на нивна важност, велат од МВР за Макфакс.

„Секој граѓанин може да закаже термин телефонски или електронски, а МВР максимално искористувајќи ги сите капацитети, работејќи и за викенди и за празници, ги презема сите мерки за граѓаните навремено да ги добијат своите документи“, додаваат од Министерството за внатрешни работи.

Слични Објави