|

Бараме 70.000 евра отштета за семејствата на бранителите од 2001 година, ДУИ да не го кочи законот, вели Ангелов

Некои од семејствата на загинатите бранители од 2001 година, конкретно 15-ина семејства, како и десетина воени инвалиди, до ден-денес останаа необесштетени. Од страна на Достоинство во неколку наврати се преземени иницијативи и кон законодавниот дом почнувајќи од 2008 година кога предложивме нов закон за бранители, закон за посебни права на бранители, кој, за жал, тогаш не помина, вклучително и неколку иницијативи до Владата. Ова го соопшти претседателот на Достоинство, Стојанче Ангелов, и рече дека минатиот декември до Владата е поднесена и иницијатива за надминување на овој проблем, со кој се нуди решение за обесштетување на нивните семејства.

„Сè до денес оваа иницијатива не е разгледана, Владата ја нема отфрлено, но ниту прифатено. Од разговорите што ги имав со премиерот Ковачевски од него добивме поддршка, за жал, проблемот е во политичката партија ДУИ, иако на една од коалициските средби лидерот Али Ахмети најави дека ќе се најде решение“, посочи Ангелов.

Како што додаде, избработен е предлог-закон од нивна страна, кој нуди решение за овој проблем.

„Бараме за семејствата на загинатите бранители да се обесштетат 70.ооо евра надомест за нематеријална штета и бараме по 50.000 евра за 100 процентен воен инвалидитет“, додаде Ангелов.

Тој бара и поддршка од пратениците да се потпишат на овој предлог и законот за иницијативата да влезе во собраниска процедура.

„Очекувам пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да дадат целосна поддршка. Пред нецел месец почина Живко Божиновски од Битола, татко на запален полицаец кај Вејце, од срцев удар. Да не дозволиме да умираат родителите на загинатите бранители, кои сè уште не се обесштетени“, заврши Ангелов.



Слични Објави