„ЕДНА МИНУТА ДО 12“- КОГА ПОЛИТИЧАРИТЕ ЌЕ СЕ СЕТАТ ЗА ДЕЦАТА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ?
Во сабота (20.10.2018) на плоштадите во градовите ширум Македонија со симболичен почеток од 11:59 часот ќе се одржат собири на родители на деца со посебни потреби. Собирите се дел од иницијативата „Една минута до 12“на здружението „Сплотени срца“ од Штип. Во настанот објавен на социјалната мрежа Facebook организаторите истакнуваат дека собирот на родителите не треба да се толкува како протест, туку како обединување на луѓето во интерес на едно важно заедничко прашање. Нашиот портал го побара г-н Зоран Мијалков претседател на здружението „Сплотени срца“ од Штип за да ни даде повеќе информација за настанот.
„На собирите што ќе се одржат низ цела Македонија не треба да се гледа како протест. Ние сакаме да се собереме за да може јавноста, а и политичарите да нè видат како бројка. Нашата основна цел е да испратиме порака до сите, дека Македонија треба да се обедини околу животно важните прашања, а такво прашање секако е положбата на децата со посебни потреби и нивните семејства. Бараме системски решенија и бидејќи најверојатно се наоѓаме пред избори, нема да им дозволиме на политичарите да нè искористат за својата предизборна кампања. Ние бараме решенија, а не празни ветувања и фотографирања. Проблемите со кои се соочуваме ние родителите на деца со посебни потреби се огромни и се од најразлична природа, затоа и покрај тоа што нашата иницијатива се вика „Една минута до 12“, сакам да напоменам дека 12 одамна помина. Ќе ги поканиме политичарите од сите партии и ќе ги прашаме, какви решенија нудат за нашите проблеми и зошто ние би ги гласале нив. Ние родителите знаеме кои се нашите проблеми и имаме решенија за нив, бараме од политичарите да ги слушнат нашите идеи и да ги остварат по институционален пат. Ги повикувам сите граѓани во Република Македонија да ни се придружат во сабота и да ни дадат поддршка во нашата борба. Прашањето за проблемите со кои се соочуваат децата со посебни потреби и нивните родители, е нешто што треба да нè обедини сите, без разлика на етничката, верската или политичката припадност. “- рече во телефонска изјава за нашиот портал, Зоран Мијалков, претседател на здружението „Сплотени срца“ од Штип и дел од иницијативата „Една минута до 12“.
Порталот „Трибуна“ ги повикува граѓаните да дадат поддршка за ова иницијатива и во сабота да излезат на плоштадите ширум Македонија и така да станат дел од борбата за подобрување на положбата на децата со посебни потреби.
