Манолева: Здравствениот дом во Неготино со зајакнати капацитети
Заменик-министерката за здравство, д-р Маја Манолева, беше во работна посета на Здравствениот дом во Неготино, каде што оствари средба со менаџментот и направи обиколка во установата.
Во изјава за медиумите таа информира дека во изминатите шест години се реализирани многубројни инвестиции во Здравствениот дом, со што се унапреди здравствената заштита за пациентите.
„Комплетно е опремена биохемиската лабораторија, како и службата за физикална медицина и рехабилизација, со нова апаратура, простор и кадар. Набавена е нова опрема за Службата за рендген-дијагностика и за Службата за итна медицинска помош со домашно лекувањем која се дислоцира во нов реновиран простор. Возниот парк се зајакна со две нови санитетски возила и три патнички моторни возила за потребите на поливалентната патронажна служба, и тоа првпат и за руралните средини“, рече Манолева.
Во делот на инфраструктурното подобрување Манолева посочи дека потпишан е договор за реализација на проект за енергетска ефикасност. На дел од објектот поставени се нови ПВЦ-прозори и врати и извршена е реконструкција на надворешните приоди со уредно осветление.
„Покрај вложувањето во опрема и инфраструктура, Здравствениот дом реализира и 42 вработувања на здравствени работници и административно-технички персонал. Реализирани се седум специјализации, а упатени на специјализација се и четири доктори на медицина. Особено се гордеме што статутот на оваа установа се прошири со нова дејност – неврологија, со која на пациентите им е овозможен и ваков вид здравствена услуга. Министерството за здравство и Владата на Република Северна Македонија во изминатиот период покажаа како се работи во интерес на пациентите и здравствениот персонал. Со истото темпо продолжуваме и во следниот период“, истакна Манолева.

