| |

Бранко Заревски и поетските вечери во „Боеми“

Пишува: Владимир Перев

Прилог кон чествувањето на големиот бугарски поет Атанас Далчев, во меѓународна организација од страна на БТА, во пресклубот на БТА во Скопје.

Кон крајот на 60-те години од минатиот век, кафеаната “Боеми“ беше култно место на скопската боемија, на писатели, новинари, актери и некои денгуби, љубители на ноќниот живот и добрата чашка. Сместена беше на истото место каде што е сега, на аголот на малата уличка кај задниот влез на Универзална сала. Сопственик беше Сута Ѓонда, познат кафеанџија од Крушево и добар човек. Даваше вересија на сите ние кои имавме по мали средства, а поголеми желби да водиме ноќен живот. Почнуваше со работа наутро од околу 10:30 часот, а работеше навечер, се додека има гости, најчесто до околу 2 часот по полноќ. Ние, редовните гости доаѓавме некаде околу девет часот навечер, а си заминувавме секогаш последни.

Редовните гости се познаваа сите, сите беа дел од тогавашниот скопски боемски естаблишман. Секогаш присутен беше Киро Чауле, потоа се редеа Тане Петровиќ, Бранко Заревски, Бане Ковач, Бранко Варошлија, Александар Спасов, Слободан Дамески, Хари Миновски и ред други.

Елитната тројка беа Чауле, Бранко Заревски и Тане Петровиќ. Меѓу нив бев најмладиот, а ме примаа само затоа што мојата тетка Надежда, била школска другарка на Киро Чауле и на Бранко Заревски, па по старата градска битолска традиција, бев нивниот пулен. Заревски ми овозможуваше некакви редовни хонорари, притоа бев и портир во Универзална, а парите редовно ги трошевме во Боеми…убави времиња за млад човек.

Во тие времиња на жестока титовистичка диктатура, Боеми беше оаза на слободата и слободната мисла, олицетворена низ разноликите семејни и лични биографии на присутните. Киро Чауле беше син на бугарскиот војвода од ВМРО Петар Чаулев и мајка му Иванка, жестока бугарка и моја комвишка во Битола. Киро беше воен херој и партизан, командант на 3-та македонска ударна бригада, долгогодишерн началник на УДБ-а и уредник на вестите на Радио Скопје. Заревски беше син на капетан на кралската југословенска војска, де факто капетан Зариќ, кој одбил да се врати во Југославија, “јер се заклео краљу“ и не сакал да чуе за Тито. Мајка му Елена била екзархиска учителка. Беше учесник во партизани и пријател со Добрица Ќосиќ. Тане Петровиќ беше инженер, градител на Скопје по земјотресот, македонец од србските села во околината на Скопска црна гора. Бане Ковач беше исто така некаде од скопско, бил во затворот во Плевен за време на војната и беше близок со Лазо Колишевски. Во кафеаната навечер доаѓаа и некои пензионирани но и актуелни главешеини на УДБ-а, но никој не се осмели, за некого таму да води досие. Тоа беше остров на слободата која сите ја уживавме.

Се разговараше за литературата, за руските класици како Толстој и Достоевски, за француската литература, за Флобер и Балзак, но и за поезијата. Нормално, јас знаев најмалку, Бранко Заревски знаеше најмногу. Секогаш седев до него, за да ми шепне за што се говори и за кој писател или поет станува дума, ама неговиот мелодичен, длабок баритон ја исполнуваше малата кафеана и сите знаеја дека Бранко ми “суфлира.“

Легендарниот Бранко Заревски (крајно десно) со своето боемско друштво во Скопје

Во една студена декемвриска снежна вечер, Тане Петровиќ, веќе добро загреан, онака, без никаков повод почна да рецитира: Има дана када пада бело иње,/Безбројне очи гледају у мене;/Као керови трагом крваве животиње,Залају из мрака моје успомене.

Тогаш за прв пат го чув името на српскиот поет Раде Драинац и дел од неговата поема “Снег“. Бранко ја подигна главата и онака огромен со својот силен глас продолжи на бугарски: Алена искра, от теб изтръгната,/камък, истината в теб прозрях:/вечно и светò е само мъртвото,/живото живее в грях.

Тоа се стихови на Атанас Далчев, тивко ми шепна Чауле, овде се води “поетска војна со намеси на сексуалност“.

Веднаш потоа разбрав дека Раде Драинац бил близок пријател со бугарската поетеса Елисавета Баграјана, чија позната збирка на песни била “Вечната и светата“. Но, бугарскиот поет Далчев се чувствувал повикан да напише неколу реда за своето несогласување дека човек може да биде “свет и вечен“ ами тоа може да е само безчувствителниот камен. Ние ја имавме вашата поетеса, сакаше да каже Тане Петровиќ, ама, одговорот на Бранко беше ние ние сме ја надминале, имаме го големиот Атанас Далчев.

Во таа ноќ научив нешто од она што го знаеја сите. Научив дека Далчеви се од Солунско, дека станува збор за семејство со интелектуални традиции, а најважното, научив дека оној споменик на Гоце Делчев во Градскиот парк е подарок од Бугарија за Македонија во годините пред 1948-та, а автор е скулпторот Љубомир Далчев, братот на поетот Атанас.

Многу покасно, во ова модерно време, “натпевувањето со сексуални мотиви“ ми стана појасно од текстот на писателот Марин Георгиев кој ќе напише: В същата 1927, когато излиза стихосбирката на Багряна Вечната и святата”, Далчев създава стихотворението Камък”, което може да се приеме и като опозиция на идейната и естетическа концепция на голямата ни поетеса.

Потоа Бранко продолжи: Не искам състрадание от хората!/Аз имам всичко: моя е смъртта./И аз ще се изплезя на света,/обесен върху черния прозорец. (стихови од “Ѓаволско).

Расположен, Тане Петровиќ продолжи со Нирвана на Драинац: Шумне ноћи ко јавори сињи/Тамом гробном леже ми на длану./Болестан сам много, много: Једину звезду у овој пустињи/Видим своју рану.

Бранко Заревски не се запира. Рецитира “Балконот“ на Далчев: Той е железен, каменен, старинен;/такива има с хиляди в света,/обикновен, но само че зазидан:/един балкон без никаква врата.

Потоа продолжува победоносносо “Стајата“: Портрети на жени, които/са си отишли от света,/висят, от слънце пожълтели,/окачени върху стената,/заспала тежко върху пода,/сънува в здрача тишината/и цялата печална стая/залязва бавно с вечерта.

Сите се потсмевнуваат на стиховите на Далчев рецитирани од Заревски; сите знаеја дека она за “портретите на жени“, се однесува на четирите жени на Бранко, сеуште живи, а со кои тој има добри, речи си срдечни односи.

Некаде во раните утрински часови, во мекото обилно снежно утро си заминуваме од “Боеми“, а Бранко и Тане, онака срдечно, заедно ги рецитираат последните стихови од “Снег“ на Драинац: Еј, велим, нека, нека!/То снег само пада/За мојим траговима.

Неколку вечери покасно, Киро Чауле ми донесе некакви стари маслосани книги со поезијата на Атанас Далчев и Димчо Дебелјанов. Кога неколку вечери подоцна, напиен почнав да ја рецитирам Аз искам да те помня все така:/бездомна, безнадеждна и унила, Бранко ме прекина и сам го продолжи стихотворението до крај, давајќи ми знак да престанам. Чауле ме погледна со неговиот вечно намуртен поглед и онака како што само тој умееше, низ стиснати заби процеди: “Немој да ми рецитираш бугарска поезија никаде…тоа може само овде и кога сме ние. Иначе, ќе си имаш проблеми, а нам овде ни е преку глава од твоите глупости. Ќе ја умреш мајка ти.“

Барем еднаш неделно на собиранките во Боеми се рецитираше поезија. Никогаш не разбрав како Заревски ги знаеше сите бугарски поети, Варошлија ја знаеше арапската и турската поезија а Чауле суверено владееше со француските поети. Српската поезија ја знаеја сите, а хрватската само неколкумина, оние кои студирале.

Да, на Радиото и Телевизијата немаше бугарска поезија и поети, беше само Вапцаров во прекрасниот препев на Гане Тодоровски, ама секогаш беше рецитиран на бугарски, во оригинал, а неговите песни ги знаеја сите. Па, и денеска работите стојат на истата позиција.

За Атанас Далчев и за семејството Далчеви и денес во Македонија се знае малку, нема негова поезија, никој не го рецитира. Дали сме одново во време на омраза кон секаква бугарска мисла и стих, кон секаква творба…дали некој не сака да бидат споменувани оние бугарски творци кои се од географската Македонија?

Спориме околу заедничката историја, но философски гледано историја е и она што доаѓа утре…таа историја ќе биде сурова кон нас, нашата нетолерантност кон поинаквите мислења и кон она што би требало да биде “наше заедничко“ творештво.

Творештвото на семејството Далчеви е дел од нашето заедничко минато, а трагиката и стоицизмот на македонецот/бугаринот од солунско се вткаени во тоа творештво.

СТАВОВИТЕ И МИСЛЕЊАТА ИЗНЕСЕНИ ВО РУБРИКАТА „ПОЗИЦИЈА“, НЕ СЕКОГАШ СЕ ИЗРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА ПОРТАЛОТ „ТРИБУНА“

Слични Објави