ЦАРОВСКА: УЧИЛИШТАТА ТРЕБА ДА ЖИВЕАТ ВО ДУХОТ НА ГРАЃАНСКОТО ОБРАЗОВАНИЕ
Министерката за образование и наука Мила Царовска и градоначалникот на Општина Гази Баба Борче Георгиевски денес го посетија ООУ”Кирил и Методиј” во Стајковци. Во училиштетето беше отворена сензорна соба и се одржа отворен ден за граѓанско образование по повод Меѓународниот ден на човекови права 10 декември.
„ Денеска како добар пример го одбрав ова училиште во Стајковци коешто покажува дека училиштата може да живеат во духот на граѓанското образование. Тие имаат настава на два наставни јазика, на македонски и на албански, имаат инклузивно образование и децата со атипичен развој живеат и учат заедно со децата со типичен развој. Имаат и сензорна соба којашто ја посетуваат и деца со типичен и деца со атипичен развој, заради тоа што на тој начин создаваат инклузија, соживот и заеднички развој на сите ученици коишто ги имаат во училиштето, независно од каде доаѓаат и со какви можности и потреби истите доаѓаат. На овој ден е важно да се види дека со добар менаџмент од страна на директорката, поддршка од градоначалникот, но соработка со родителите, учениците и наставниците, може да се постигне да имаме квалитетни училишта, училишта коишто се грижат да човековите права се научат од најмала возраст“, рече Царовска.
Министерката истакна дека во континуитет се создаваат услови за инклузивно образование и за таа цел се обезбедени буџетски средства од наредната учебна година за образовните асистенти а инвестициите коишто ќе се случуваат во училиштата ќе значат и директна инвестиција во пристапност на објектите на училиштата за лицата со попреченост и за децата со попреченост.
„ Концепцијата којашто треба да стартува 2021/2022 за основно образование директно ќе се заснова на принципите на инкузивност, на родова рамноправност и почитување на човековите права, заради тоа што на овој начин создаваме идни генерации коишто не само што ќе ги почитуваат и ќе знаат за човековите права, туку ќе живеат со нив и ќе се борат секојдневно тие да се остваруваат“, рече Царовска.