ПОЧНА РАСПРАВАТА ЗА ЗАКОНОТ ЗА ПОПИС

Собраниската Комисија за европски прашања денеска во прво читање го разгледува Предлог-закон за попис на населението, домаќинствата и становите во Македонија, согласно кој треба да се овозможи одржување на оваа статистичка операција наредната година.

loading...

Согласно одредбите на законот, како што појасни заменик-министерот за правда Агим Нухиу, во рамки на оваа статистичка операција ќе можат да се попишат државјани на Македонија кои имаат живеалиште или престојувалиште во земјава, без разлика дали во моментот на пописот се наоѓаат во државата или во странство.

За лицата – државјани на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство податоците од член 10 од овој закон ги дава полнолетно лице на кого најмногу му се познати, при што го дава својот ЕМБГ и ЕМБГ на лицето за кое дава податоци во пописот. За лицата-државјани на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство ќе се овозможи и самопопишување во периодот од 1 март до 21 април 2020 година на посебна апликација која е достапна на веб страницата на Државниот завод за статистика.

-Свесни сме за важноста на овој попис на населението, домаќинствата и становите за сите граѓани, опфаќајќи ги и граѓаните на Северна Македонија кои моментално се наоѓаат привремено во странски држави. Сакам да ве убедам дека сите граѓани на Северна Македонија каде и да се наоѓаат, во земјава или во странство, не сме ги изоставиле од овој предлог закон, рече Нухиу.

На ваков начин, рече, ќе се стави крај на секој обид за манипулација или искривување на податоците во однос на пописот на граѓаните во земјава врз основа на етничката припадност.

-Македонците, Албанците и другите кои живееме во оваа земја кои сме државјани со години наназад ќе може да се попишеме толку колку што сме и тие кои што сме, рече Нухиу.

Исто така, ќе се попишуваат странски државјани кои престојуваат во Република Северна Македонија со одобрение за престој, лица без државјанство кои во моментот на спроведување на пописот се затекнати во Република Северна Македонија.


loading...

Со пописот нема да биде опфатен дипломатскиот персонал на странските дипломатски и конзуларни претставништва во Република Северна Македонија и членовите на нивните семејства, странскиот воен персонал и членовите на нивните семејства, лоцирани во Република Северна Македонија, како и членовите и претставниците на меѓународните организации и заедници кои во моментот на пописот престојуваат во зејава. Нема дасе попишуваат и странските државјани кои во времето на пописот се наоѓаат во Република Северна Македонија заради службен пат, приватна посета, лекување, туристички и слични патувања.

Пред почетокот на седницата на Комисијата и отворањето на расправата процедурално реагираше пратеничката Жаклина Пешевска од ВМРО-ДПМНЕ која истакна дека Комисијата за европски прашања не треба да биде матично тело за овој закон, туку тоа треба да биде Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

Повторно, рече таа, се повикувате на европско знаменце и усогласување со европски директиви, а тоа усогласување со предложениот закон не го правите. Ние, додаде Пешевска, не ја спориме потребата од донесување закон за попис, туку начинот на кој тоа се прави, со злоупотреба на европското знаменце.

Матична комисија е оваа, реплицираше претседателот на Комисијата Арбр Адеми, меѓу другото и поради член 79 од собранискиот Деловник, согласно кој не може на пленарна седница да се разгледува закон кој се усогласува со европски директиви, ако не е разгледуван на Комисија за европски прашања. Тој ги цитираше и сите акти со кои се усогласува овој закон, а заради кои е на дневен ред на оваа Комисија.

Дебатата за законот за попис во Комисијата за европски прашања ќе трае три дена.

Во земјава првиот попис е одржан во 1948 година. Спроведени се осум пописи, а последниот во 2002 година. Во 2011 година почна да се релизира ваква статистичка операција но таа беше прекината.