Забранетата од србокомунистите вистинска македонска химна
Пишува: Тодор Вангелов
Размислувајќи за сите настани што се случуваат во последниве неколку години, доаѓам до заклучок дека Македонија сѐ уште се наоѓа во сферата на влијание на Србија. Доволно е да се спомене само фактот што голем број на медиуми шират антибугарска пропаганда односно просрпска, искривување или фалсификување на историски настани, прикажување на нештата поинаку од тоа како навистина се случиле.
Пред неколку дена весникот „Нова Македонија“ објави една статија со наслов „Химната на македонската Народноослободителна и антифашистичка борба“ во која се кажува дека песната (која тие сега сакаат да ја прикажат како некаква химна) „А бре Македонче“ настанала во екот на борбите (октомври-ноември 1941година) против окупаторите на Македонија.
Таа песна нѝ е на многумина позната уште од раните школски денови. Ние како деца дури ја пеевме и против Албанците, каде во делот наместо „клети фашисти“, кажувавме „клети Шиптари“, бидејќи во школото во кое учев, можеби 60% од учениците беа Албанци и често имавме конфликти. Но, никогаш никој немаше споменато дека таа песна „А бре Македонче“ била некаква си неофицијална химна на македонските партизани.
Тоа го дознаваме ‘за жал’ дури сега, благодарение на весникот „Нова Македонија“, кој многу се труди да ни вдахне ‘светлина’ за нештата кои се случиле, посебно за настаните од втората светска војна или пак за ликот и делото на Ванчо Михајлов (за Ванчо ќе пишувам во друга колумна). Но, постои едно големо НО, што истиот медиум итро, вешто и перфидно премолчува и прикрива многу податоци, настани, докази.
ВМРО како организација на македонското население, меѓу другото, се создава за борба против српската пропаганда во Македонија, која после Илинденското востание станала многу агресивна. Како потврда за изнесеното ќе го цитирам еден од идеолозите на организацијата Дамјан Груев, кој вели: „Бидејќи српската пропаганда веќе беше започнала да дејствува во Македонија, ние се сепнавме и мислевме дека треба побрзо да се стави на дневен ред идејата за ослободување на Македонија, пред српската пропаганда да успее да се засили и да го раздроби народот.“
Во времето кога водач на ВМРО е титанот Тодор Александров, според некои кажувања Тодор порачал да се напише химна за македонските комити односно за организацијата. Таа песна или химна на ВМРО, насловена „Изгреј зора на слободата“, покрај тоа што во тоа време од 1923 година ја користеле македонските револуционери на ВМРО, истата таа химна се пеела и на првото заседание на АСНОМ заедно со „Хеј Словени“ и била химна на Македонија сѐ до 1948 година кога е забранета од србокомунистичката власт во Македонија.
Очигледно е дека сѐ уште се проткајува тој србокомунистички дух и пропаганда кои со сите сили се обидува да ги сокрие и изврти фактите. Најверојатно за да се сокрие фактот дека и асномците ја пееле и зеле за химна на Македонија песната на ВМРО „Изгреј зора на слободата“, мораат да измислуваат приказни за создавање на некоја друга песна која ја користеле партизаните и била неофицијална химна на народното ослободително движење.
Ако беше така, како што весникот „Нова Македонија“ сака да прикаже, најверојатно истата таа неофицијална химна би се пеела и на првото заседание на АСНОМ, од истите тие народни ослободители.
Интересно е што не постои податок дека асномците воопшто ја пееле „А бре Македонче“, ниту пак дека ја зеле за химна на новосоздадената држава.
На современ или народен македонски јазик (бидејќи во тоа време не постои официјално македонски литературен јазик) химната „Изгреј зора на слободата“ е преведена од Коста Солев Рацин во истата година во која е ѝ убиен (1943) под сомнителни околности.
Немам ништо против песната „А бре Македонче“, но имам против криењето и искривувањето на фактите.
Има многу да се кажува и пишува за да се расветли тој мрачен период од нашата историја, па ги охрабрувам сите, не само весникот „Нова Македонија“, да истражат и да напишат непристрасно, без прикривање и извртување на фактите.
Вистината е дека првата химна на македонските револуционери и на македонската држава била „Изгреј зора на слободата“.
СТАВОВИТЕ И МИСЛЕЊАТА ИЗНЕСЕНИ ВО РУБРИКАТА „ПОЗИЦИЈА“, НЕ СЕКОГАШ СЕ ИЗРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА ПОРТАЛОТ „ТРИБУНА“
