Вториот кабинет на Главчев со нови министри во МВР, МНР и министерството за транспорт, изборите ќе се одржат на 27 октомври
Бугарскиот претседател Румен Радев утре ќе издаде указ за одржување на парламентарните избори во Бугарија на 27 октомври, јавува БГНЕС.
Службениот премиер Димитар Главчев за министер за внатрешни работи го предложи Атанас Илков, директор на Национална служба полиција.
Илков е предлогот на Главчев, како замена за досегашниот прв човек на МВР Калин Стојанов.
Втората промена во составот на бугарската влада е министерот за надворешни работи. За таа позиција Главчев го предлага досегашниот заменик министер за надворешни работи Иван Кондов.
Красимира Стојанова го презеде Министерството за транспорт на местото на Георги Гвоздејков, кој учествуваше во редовниот кабинет Денков-Габриел.
Останатите членови на првиот кабинет на Димитар Главчев остануваат на своите позиции и во вториот.
Ве поздравувам што ги послушавте повиците за намалување на политичките тензии. Согласно одредбите од Уставот, утре ќе донесам указ за именување на привремена влада и утре се надевам дека истата ќе даде заклетва пред Народното собрание, изјави шефот на државата Румен Радев.
Тој најави дека во вторник ќе донесе указ за одржување на избори на 27 октомври.
До крајот на неделата вашата влада мора да ја поднесе бугарската кандидатура за еврокомесар, рече уште Радев.
Од своја страна, Димитар Главчев рече дека измените во преодната влада се предложени во комуникација со претседателот Радев.
За мене приоритет број еден е подобрувањето на животот на бугарските граѓани, рече Главчев.

