| |

КАКИСТОКРАЦИЈА

Во деновите меѓу политиката што се одвива на релација Брисел – Гостивар, Брисел – Вашингтон, една од моите омилени и, секако, најзначајни работи е: саморефлексијата!

Или, поконкретно, анализа на крајот од денот, онаква каква што проповеда верата, или, пак, онаква на каква што воспитуваат некои родители, еден вид психоанализа, која потоа може да премине и во психотерапија.

Добро би било секој од нас да има еден таков „свој час“, кој би го поминал медитирајќи, размислувајќи за добрите и лошите нешта што ги сторил во текот на денот.

Но, во балканската нарав, тешко е, па речиси и невозможно, луѓето да зборуваат и размислуваат за својата вина. Многу полесно и порадо би зборувале за своите доблести и непогрешливоста.

Сево ова го велам затоа што мислам дека дошло времето да се создаде „нова институција“ која ќе го контролира и ќе управува со однесувањето на политичарите. И ќе се грижи за нив, онолку колку што е потребно.

Добар дел од политичарите кои ги познавам имаат апсолутен потенцијал за да бидат мои пациенти, но тука нема ништо чудно. Особено ако се потсетиме на онаа народната „Во овој свет нема здрави, туку има, едноставно, непрегледани“.

Но, она што, несомнено, ни треба веднаш е „политичките одреди“ да се исчистат од поединците облечени во руво скроено со украдени, уценувани, купени (на сите криминални начини) гласови.

Овие поединци, кои Бог ги донел во живот поради други благородни цели, се качиле на погрешен коњ и ризикуваат да го згмечат до смрт!

Луѓе родени за да бидат чесни столари, добри земјоделци, пријатни шофери или занаетчии и кои не се определиле да услужуваат со нивното мајсторство, не се покориле на Божјата волја, туку, преку измама, се излажале себеси и другите, дека можат да бидат добри политичари!

За овој вид, кои ги нарекувам “Девијанти”, часот на рефлексија како поим, секако, не постои!

Тие не успеале да го изградат својот интегритет и да се наметнат со високоинтелектуален однос, тие се, всушност, збунети од коњите кои ги јаваат. Нивното место е во работилница, фурна или на зелени полиња, вршејќи задачи одредени од Семоќниот!

Нивните колеги, оние кои се однесуваат како вистински политичари, оние кои се способни и чесни луѓе, со точна и добра визија за заедницата, немаат вештини на полицаец, адвокат, психолог и психијатар, онакви какви што им се потребни на “Девијантите” за да ги насочат кон вистинското место! Ним им е потребна една цела „армија“ за да ги одведе онаму каде што треба да бидат.

Живеејќи на границата на криминалот, овие поединци помогнаа да изникне еден толку вулгарен и криминален прототип на политичар, па оттука и зборот политичар го изгуби своето вистинско значење, бидувајќи засенет од овој невкусен хибрид.

„Девијантите“, оние што ја игнорираа волјата на Семоќниот и се заплеткаа во политиката, се посветени на својот вид, газејќи ги, угнетувајќи ги и спротивставувајќи им се на потенцијалните пречки кои можат да им се појават на патот со сите средства!

Препреките за нив се приходите по глава на жител во Македонија, бидејќи секој денар што ќе влезе во џебовите на граѓаните за нив значи денар помалку во нивните, главно, електронските џебови!

И, нормално, подивуваат, парите се нивни, не од народот, така мислат тие!

Тие знаат какви жртви поднеле за да бидат таму, ги боли срце кога ќе се сетат на нивната страст кон дрвјата, полињата, животните, ама, пак, нели, имале епска храброст да одат на друг терен, на теренот на којшто има многу пари. Така тие ја перципираат политиката!

Па, така, ним народот им е непријател, бидејќи обичниот човек сака да живее со парите што му припаѓаат!

Луѓе мои, до кога ќе продолжиме да ја држиме оваа опасна група?!

Таа која не може никој никако да ја тргне од системот, таа која метастазира до степен што се заканува да ги елиминира и добрите политичари и да ја доведе земјата под водство на Какистокрација, што историјата ја познава како триумф на лошите и морално „неисправните“. Јас, бидејќи така ме научила професијата, велам триумф на “Девијантите”!

Нека се формира комисија или институција, нека се нарекува како било, и доволно ќе биде да ја исчисти политичката класа од “Девијантите”, а со тоа да се спаси и народот!

Ама оваа комисија и институција никако не смее да биде составена од домашни членови, не затоа што во земјава нема чесни луѓе, па макар биле и политичари или фукционери. Има, фала Богу! Но, работата е што групата Девијанти покажаа дека имаат длабоки корени кои навлегуваат насекаде во нашето општество!

Странците, кои се и далеку и близу нашиот полуостров, би биле најдобрите „чистачи“ на овој проблем, за да дишеме слободно и за да ја отргнеме опасноста од Какистокрацијата која нема само нас да нѐ чини, туку и целиот свет. Особено на оној дел од светот што нѐ сака!

Автор: Д-р Арбен Таравари, градоначалник на општина Гостивар



Слични Објави