Бугарската биатлонска федерација ја оцени сезоната како една од најуспешните во својата 42-годишна историја
Бугарската биатлонска федерација ги награди најуспешните натпреварувачи и тренери за 2026 година на церемонија во Софија, по сезоната обележана со олимписка бронза на Лора Христова и светска титула во младинска конкуренција на Георги Џоргов, пренесува БГНЕС.
Парични награди добија Христова, Милена Тодорова, Џоргов и Раја Аџамова. Христова освои бронзен медал, а Тодорова четврто место на Зимските олимписки игри во Милано–Кортина. Џоргов освои злато и бронза на Светското првенство за млади во Германија, додека Аџамова заврши на четвртото место во женска младинска конкуренција.
Според оценката изнесена на свеченоста, бугарскиот биатлон ја завршил една од најуспешните сезони во својата 42-годишна историја како организиран спорт. Бугарија се пласирала на петтото место меѓу биатлонските нации на Игрите во Милано–Кортина, а во текот на сезоната забележала и два пласмана меѓу најдобрите десет во Светскиот куп.
На церемонијата во „Волво центар Софија“ присуствуваа претседателката на Бугарскиот олимписки комитет Весела Лечева и претседателот на Бугарската биатлонска федерација Атанас Фурнаџиев, кој неодамна беше избран за член на Извршниот одбор на Меѓународната биатлонска унија.
Беа доделени и признанијата за Купот на Бугарија и Купот на надежите за 2026 година.
Во Купот на Бугарија победници се Владимир Илиев од „Ајакс“ кај мажите и Валентина Димитрова од „НСА/Сапарева Бања“ кај жените. Во категориите до 19 години признанијата ги добија Георги Џоргов од „НСА/Сапарева Бања“ и Раја Аџамова од „Ајакс/НСА“.
Во Купот на надежите, во помладата јуниорска конкуренција победија Мартин Христов од „Ајакс“ и Стефани Јорданова од „Амбарица“. Кај постарите момчиња и девојчиња најдобри беа Константин Јорданов од „Ајакс“ и Никол Габерова од „Банско 2019“.
Во категориите до 13 години победници се Денислав Терзиев од „Амбарица“ и Иванина Габерова од „Банско“. Кај натпреварувачите до 11 години признанијата ги освоија Александар Вачев од „Ајакс“ и Никол Митева од „Стамболово“, а во категориите до девет години Елисеј Арнаудов од „Банско 2019“ и Марија Павлова од „Ајакс“.
На свеченоста беше одбележана и 20-годишнината на клубот „Ком Берковица“, а плакети за поддршката добија спонзорите на федерацијата.
