Бошкоски: Да се простува е добро, но не може да се заборават мачилиштето и режимот
Рочиштето за предметот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), „Тортура“, што денеска требаше да се одржи во Кривичниот суд во Скопје, е одложено за 13. јуни, поради отсуство на третообвинетиот Новица Станковски.
Во Судот денеска дојде првообвинетиот Сашо Мијалков, поради чие отсуство беше одложено претходното рочиште на 23. март. Во Кривичниот суд дојдоа и останатите обвинети во овој предмет.
„Тортура“ се однесува на начинот на лишување од слобода на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи, Љубе Бошковски, на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори.
По одложувањето на рочиштето, Бошкоски изјави дека мисли оти Мијалков веројатно е подготвен да му се извини.
Но, смета дека „да се простува е добро, но да се заборави едно, такво мачилиште и еден таков режим низ кој поминала Македонија не смее и не може да се заборави.“
– Тој стана да ме поздрави, веројатно да се извини за она што го направил во минатото. Ние за разлика од нив ја имаме таа демохристијанска линија во нас. Ние имаме разбирање. Тие се во исклучително тешка позиција, од најмоќни луѓе во државата сега се во ситуација да се борат за сопствената слобода и ние мора да имаме разбирање за ситуацијата во која се наоѓаат, рече Бошкоски.
Извор: еМагазин
