Георгиев и Рубио: Продлабочувањето на соработката во енергетиката и одбраната е приоритет за Бугарија и САД
Министерот за надворешни работи на Бугарија Георг Георгиев разговараше со американскиот државен секретар Марко Рубио. Двајцата се сретнаа во рамките на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел, јавува БГНЕС.
Георг Георгиев и Марко Рубио разговараа за стратешкото партнерство меѓу Бугарија и САД, при што беа акцентирани важните чекори за продлабочување на соработката во областа на одбраната и нуклеарната енергија. Министерот Георгиев ги истакна достигнувањата во модернизацијата на бугарските вооружени сили, реализирани во партнерство со САД, а тоа е набавката на борбените авиони Ф-16 блок 70, од кои првиот вчера слета на бугарска територија. Бугарскиот прв дипломат ги истакна и заедничките проекти за набавка од страна на Бугарија на новите пешадиски борбени возила „Страјкер“ и противтенковските ракети „Џавелин“.
Стратешкото значење на договорот со американската компанија „Вестингхаус“ за диверзификација на нуклеарното гориво за нуклеарната централа Козлодуј исто така беше меѓу темите на разговорот меѓу Георгиев и Рубио. Двајцата се обединија околу констатацијата дека продлабочувањето на соработката во областа на одбраната и енергетиката се приоритетни цели и во билатералната агенда меѓу двете земји и во рамките на НАТО. Георг Георгиев и Марко Рубио потврдија дека ќе го продолжат дијалогот, вклучително и преку посетата на шефот на бугарската дипломатија на Вашингтон.
