| |

Бизнес форум во Благоевград собра германски и бугарски компании

Над 50 претставници од германски и бугарски бизниси учествуваа на бизнес форумот организиран од Општина Благоевград и Германско-бугарската индустриско-трговска комора (ГБИТК), јавува Пиринско. Настанот се одржа во салата „22 септември“ и беше дел од програмата на општината за поддршка на локалниот бизнес, создавање партнерства и привлекување инвестиции.

Специјални гости на настанот беа Ирене Марија Планк, амбасадорка на Федералната Република Германија во Бугарија, Сонја Миклај, извршен директор на ГБИТК и претставници од комората.

Методи Бајкушев, градоначалник на Благоевград, ја истакна целта на форумот: зајакнување на врските меѓу локалниот и германскиот бизнес. Тој ја презентира визијата за стратешки развој на општината, со акцент на економскиот потенцијал, инфраструктурните проекти и поволните бизнис услови.

Амбасадорката Планк нагласи дека Германија е најголем трговски партнер на Бугарија, а Бугарија е втора по големина германска трговска дестинација на Балканот. Таа и ГБИТК изразија поддршка за регионалните иницијативи за создавање нови економски врски.

ГБИТК ги претстави своите активности за зајакнување на соработката меѓу двете земји, вклучувајќи учество на бизнисите во меѓународни саеми и форуми.

Учесниците разговараа за можности за партнерство во индустрија, технологии, услуги и трговија. Општина Благоевград и ГБИТК ќе продолжат да работат на подобрување на инвестициската клима и позиционирање на градот како стратешки центар за бизнис. Пред форумот, Бајкушев и Планк разговараа за образованието и важноста на странските јазици како клуч за идните можности за младите.

Слични Објави