Заврши петтата активација на противминската група во Црното Море (MCM BLACK SEA)
Вчера во Воената поморска база Варна се одржа официјалната церемонија за пречек на бродовите кои учествуваа во петтата активација на Противминската група во Црното Море (MCM BLACK SEA). Ова е втора активација на групата во 2025 година, која беше под команда на Воената морнарица на Република Бугарија, јавува Министерството за одбрана на Бугарија.
Тактичката формација ја предводеше капетан од прв ранг Павлин Петков. Командант на тактичката група беше капетан од прв ранг Л’чезар Иванов од бугарската морнарица. Во составот на групата беа помошниот брод „Капетан I ранг Димитар Добрев“ и миноловецот „Струма“ од бугарската морнарица, миноловецот „Гигулеску“ од морнарицата на Романија и миноловецот „Акчакоча“ од морнарицата на Турција.
Групата ја започна својата активација на 11 јуни 2025 година во Бургас, а заврши на 26 јуни во Истанбул, Турција. Во текот на активацијата, поморските сили учествуваа во вежбата „EP MCM DIVE-25“, при што продолжи интеграцијата на капацитетите и размената на искуства со цел подобрување на оперативната интероперабилност, што придонесува за зголемување на морската ситуациона свесност на НАТО во Црното Море.
Во периодот на пловидба, бродовите на групата поминаа 716 морски милји, а екипажите спроведоа противминско извидување во траење од 205 часа. Беа проверени околу 13.000 квадратни километри за присуство на пловни мини.
На церемонијата по повод враќањето на бродовите, командантот на Воената морнарица на Бугарија, контраадмирал Кирил Михајлов, изрази висока оценка за активностите на групата под бугарско водство. Тој им се заблагодари на командата, командантите на бродовите и екипажите за максималниот ангажман и успешно завршената активација.
„Со вашите активности на море и со целокупната работа на противминската група, вие докажавте дека бугарските воени морнари гордо стојат во заедничкиот ред на НАТО. Заедно со нашите сојузници во регионот и со поддршката на државите кои ја помогнаа оваа активација, покажавме дека сме подготвени да се справиме со заканата од пловни мини во Црното Море. Идните задачи нема да бидат полесни, но со заедничката работа ја подобруваме нашата комуникација, учиме од искуствата на сојузниците и го споделуваме нашето,“ истакна контраадмирал Михајлов.
Преку одлична соработка и координација, екипажите придонесоа за зголемување на безбедноста и сигурноста на пловидбата во Црното Море и го потврдија значењето на овие активности за унапредување на подготвеноста за справување со минската закана.
