КАМЧЕВА: СЕ ПЛАШЕВМЕ ОД МОЌТА НА ЈАНЕВА, БОКИ 13 ГИ ЗНАЕШЕ СИТЕ ЧЕКОРИ НА СЈО

Ана Камчева, сопругата на Јордан Камчев, денеска во Кривичниот суд сведочеше за средбите со Бојан Јовановски-Боки 13 и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева на кои било договарано како тие може да му помогнат на нејзиниот сопруг за случајот „Империја“.

Камчева рече дека на 9 ноември 2018 година, некаде половина час по полноќ во нивната куќа пристигнал Зоран Милевски Кичеец, кој им кажал дека полицијата ќе прави претрес во 6 часот, што и се случило, јавува 24 Вести.

– Откако во нашиот дом беше извршен претрес, во десет часот беше спроведен и во фирмите, за потоа да биде изведен пред судија на претходна постапка за случајот „Империја“, рече Камчева.

Кажа дека се сеќава на, како што посочи, недоличното однесување на Лиле Стефанова пред судија на претходна постапка, која на еден од обвинетите му рекла „ништо не ми можеш Тони, моќта е кај мене”.

– Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева првпат ја видов во судот, кога дојде и се поздрави со сите обвинети во „Империја“, рече Камчева.

Посочи дека потоа имала средба со адвокат Васко Димишков и Зоран Милеваки Кичеец во Капиштец.

– Тогаш Васко ми рече дека неговата сестра која е судија на претходна постапка Весна Димишкова била блиска со Лиле Стефанова. Васко кажа дека со оглед на тоа што мојот сопруг се нашол на насловна на Форбс како најбогат македонец, рече дека за 2, 4 или 6 милиони евра може да помогне. Со оваа сума, како што рече Васко неговата сестра требала да се пензионира. Кога го известив мојот маж во притвор за сумата од шест милиони, се сеќавам дека му реков дека ние немаме случај, туку имаме проблем зашто сме од самиот старт во контакт со Јанева и судијката Димишкова, рече Камчева.

На 15 ноември и се јавил Милевски и барал итна средба, на која тој дошол со Боки 13.

– Бојан ми кажа дека заминува на пат и дека не е во ред тоа што излегло во порталите дека синот на Јанева е вработен во 1ТВ и дека и да сакала да помогне сега нема да може, па да сум ургирала тој текст да се повлече, изјави Камчева.

Кажа дека била изненадена од близината на Боки 13 со Катица Јанева, бидејќи тој точно ги знаел сите чекори што ќе се случуваат, кога нејзиниот сопруг ќе биде спроведен и кои ќе бидат сослушани за „Империја“.

Целиот напис прочитајте го овде.