Желјазков: Бугарскиот бизнис може да придонесе многу за повоеното обновување на Украина
Од самиот почеток на војната, Бугарија цврсто ја поддржува Украина, а оваа поддршка мора да се прошири и во повоените напори за закрепнување. Ова го истакна премиерот на Бугарија, Росен Желјазков, на Четвртата конференција за обновата на Украина, што се одржува во Рим, јавува БГНЕС.
Премиерот Желјазков нагласи дека обемот на уништувањата е огромен и дека закрепнувањето ќе зависи од два клучни столба. Првиот е обновата на критичната инфраструктура – енергетскиот систем, транспортните врски и основните услуги како водоснабдување и канализација. Тој изјави дека Бугарија е подготвена да помогне на Украина во овој процес, потенцирајќи ја стратегиската позиција на земјата за координирање интерсекторски иницијативи во области како енергетика, градење на бродови и безбедност на пристаништата, отпорност на климатските промени и други.
Во тој контекст, премиерот посебно го истакна новиот стратешки пристап на Европската Унија за создавање безбеден, просперитетен и одржлив Црноморски регион, кој ќе овозможи соработка меѓу земјите-членки и регионалните партнери, вклучувајќи ги Украина, Турција и Грузија.
Како важен дел од идните инвестиции, Желјазков ја посочи и изградбата на железнички и транспортни врски. Според него, директната железничка линија меѓу Одеса на Црното Море и Александруполис на Егејот значително ќе го скрати времето за транзит и ќе отвори нови можности за украинскиот извоз.
Вториот клучен столб за обновата, според бугарскиот премиер, е енергетската поврзаност. Во мај официјално започна изградбата на Вертикалниот гасоводен коридор, кој ќе овозможи транспорт на гас во правец југ-север и ќе ја зајакне енергетската безбедност на Украина.
Во заклучок, премиерот Желјазков подвлече дека обновата на Украина мора да биде поврзана со европската интеграција, која, како што рече, е долгорочен поттик и за институционална модернизација и за економски раст. „Во овој критичен момент, Украина ја заслужува нашата целосна поддршка, онолку долго колку што е потребно“, истакна бугарскиот премиер.

