„НА РАБОТ“, ИЗЛОЖБА НА ЧЕТВОРИЦА МЛАДИ УМЕТНИЦИ ВО ГАЛЕРИЈАТА „АКАНТУС“
Групната изложба „На работ“ на уметниците Ана Трајковска, Ива Станкова, Илија Прокопиев и Доротеј Нешковски ќе биде отворена в петок (14 февруари) со почеток од 20 часот, во галеријата „Акантус“.
Станува збор за четири млади автори кои ќе се претстават со дела изработени во различни техники и формати.
„Нивните дела се изработени во масен пастел, графички отпечаток, цртежи, акрил, масло на платно и други. Навидум многу различни, но сепак доволно (не)компатибилни за да направат една целина и да го прикажат уметничкиот израз за материјалната слика на работ“, информираат организаторите на изложбата.
Дијана Томиќ Радевска, куратор на оваа изложба, истакнува:
„Нивното искрено задоволство ќе се почувствува во предизвикот што го носи уметноста, возбудата од ‘лутањето’ (истражувањето) низ сопствениот јазик. Низ отворени структури и проблематики во исцрпените емотивни забелешки, односот на човек-град, човек-природа, човек-човек го оставаат отворен и целиот простор на работ на отворен запис кој може да се дополнува“.
Изложбата ќе биде отворена до 10 март.
Извор: Макфакс
