Министерот за туризам на Бугариja Мирослав Боршош на форум во Рим: „Балканот мора да настапи со заедничка туристичка визија“
Министерот за туризам на Бугарија, Мирослав Боршош, учествуваше на форумот „Поврзување на дестинациите: Италија – Балканот“, кој се одржа во Рим по иницијатива на италијанската министерка за туризам Даниела Сантанке. Настанот ги собра високите претставници од балканските и земјите на Јужна Европа со цел да се разгледаат можностите за посилна регионална соработка и заеднички иницијативи за одржлив развој на туризмот во Југоисточна Европа, соопшти бугарското Министерство за туризам, пренесува БГНЕС.
Во своето обраќање, Боршош истакна дека Бугарија уште од 2018 година ја поддржува потребата од заедничка туристичка визија за регионот, започната за време на Бугарското претседателство со Советот на ЕУ. „Последниве години Бугарија работи на продлабочување на регионалната соработка преку иницијативи како ‘Destination Balkans’ и активно учество во клучни формати. Иако туристичкиот сектор стабилно се обнови по пандемијата, Балканот сè уште страда од недоволна координација во промоцијата, слаба поврзаност и меѓусебна конкуренција што го ограничува заедничкиот потенцијал. Форумот во Рим е шанса тоа да се промени – преку конкретни заеднички активности и долгорочни партнерства,“ нагласи Боршош.
Бугарија предложи формирање на регионално координациско тело со учество на туристичките администрации од балканските држави. Целта е подготовка на заедничка туристичка стратегија со јасни приоритети и акциски планови на краток и среден рок. Како основа за заеднички туристички идентитет, Боршош ги издвојува културните рути што ги поврзуваат светските наследства во регионот, развојот на еко-туризмот во заштитени зони, гастрономските и винските фестивали, како и создавање заеднички поморски маршрути во Црното и Јадранското Море.
Форумот беше отворен од Даниела Сантанке, која ја нагласи потребата од подобра соработка меѓу дестинациите преку заеднички дигитални алатки и туристички производи. Италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи, Антонио Тајани, посочи дека развојот на туризмот на Балканот е стратешки приоритет за Европската Унија, нагласувајќи ја важноста на трансграничната инфраструктура и транспортните коридори, вклучително и Коридорот 8 и врските меѓу Грција и Северна Италија, како клуч за економско и културно поврзување.
Боршош најави дека на 6 и 7 октомври 2025 година Бугарија ќе биде домаќин на втората сесија на Работната група на UN Tourism за земјите од Југоисточна Европа. Настанот ќе се одржи во Пловдив во рамките на 9. Глобална конференција за вински туризам и ќе биде дел од бугарското претседателство со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) за 2025–2026 година.
„Балканот не е мозаик од мали пазари. Ние сме единствена, динамична дестинација со богато културно наследство и огромен потенцијал. Време е да зборуваме со еден глас, со заедничка визија и силен идентитет,“ порача Боршош.

