(Видео) „Бугарија ленд“ – убавина во намалена верзија
Природните и историските убавини на Бугарија се собрани во новиот културно-историски парк „Бугарија ленд“ крај Правец, јавува репортер на БГНЕС.
50 историски згради и природни знаменитости од цела Бугарија се претставени во намалена верзија со размер 1:25. Тие се распоредени во прекрасен парк со вкупна површина од 14 декари крај езерото во градот.
Сите макети се исклучително квалитетно изработени и максимално слични на оригиналите. Дел од макетите се придружени со звучни и интерактивни ефекти.
Меѓу атракциите се наоѓаат храмот-споменик „Свети Александар Невски“, Народното собрание, Мадарскиот коњаник, Народниот театар, Железничката станица во Варна и дури и Општината во Сливен. Посебен дел е посветен на дворците од Третото бугарско царство, меѓу кои на прво место е дворецот „Врана“, потоа Царска Бистрица и Евксиноград, а не е изоставен ниту дворецот во Балчик, кој денес е претворен во ботаничка градина. Има и многу цркви, меѓу кои блескаат катедралниот храм во Варна и Железната црква на цариградските Бугари „Свети Стефан“.
Исклучително убави и прецизни се макетите поврзани со Втората бугарска држава – Царевец и Асеновата тврдина крај денешен Асеновград.
И покрај фактот што паркот е одлично уреден, некои од вклучените објекти изгледаат малку чудно. Станува збор за автопатот АМ „Хемус“, кој минува покрај Правец и веќе 50 години се гради, а сè уште не е завршен, како и макетата на пристаништето Росенец со брод на „Лукоил“.
Во исто време, бидејќи се присутни дворците од поновото време, би било добро оваа тема да се разработи и од историски аспект, и да се изработат макети на старите главни градови Плиска, Преслав и Охрид – но да се надеваме дека тоа најверојатно допрва ќе биде направено, стои во материјалот на БГНЕС.

