|

ДУИ: Министерскиот состанок на ОБСЕ беше дипломатски триумф, обвинувањата на „Вреди“ се клевети

ДУИ реагира на тврдењата на движењето „Вреди“ дека министерот за надворешни работи Бујар Османи спроведувал сомнителни тендери во МНР, поврзани со организацијата на Министерскиот состанок на ОБСЕ во 2023 година.

Според партијата, овој состанок бил најголемиот и најзначајниот меѓународен настан организиран досега во Северна Македонија, кој во текот на три дена ја ставил земјата во центарот на светската дипломатија. Настанот собрал министри за надворешни работи и делегации од целиот ОБСЕ простор, а бил пофален од сите меѓународни партнери и институции како „совршено организиран“ и „момент што ги направи горди сите граѓани“.

ДУИ нагласува дека сите надлежни државни институции, вклучувајќи ги и органите за надзор, ја потврдиле законитоста, транспарентноста и примерната реализација на настанот.

„Обидите на ‘Вреди’ да клеветат не се ништо друго освен политичка злонамерност и завист. Ниту еден извештај не утврдил незаконитост, ниту една постапка не е прекршена, ниту еден договор не е нелегален,“ наведуваат од партијата.

Во реакцијата, ДУИ истакнува дека „Вистината е едноставна – Северна Македонија ја пречека светската дипломатија и реализираше настан што ќе остане запаметен како дипломатски и организациски триумф. Овој успех им припаѓа на граѓаните, институциите и сите кои работеа со посветеност за да го прикажат најдоброто од нашата земја“.

Од партијата додаваат дека разбираат „дека за оние кои никогаш немаат организирано ништо со меѓународна вредност е полесно да шират клевети отколку да ја прифатат реалноста“.

„Фактите остануваат факти, и ниеден политички шум не може да избрише една национална приказна за успех,“ порачуваат од ДУИ, нагласувајќи дека „кампањата на клевети“ од страна на „Вреди“ не е напад само врз една личност, туку и навреда за секој службеник, волонтер и граѓанин кој придонел Министерскиот состанок на ОБСЕ да стане извор на гордост за државата.

Слични Објави