Бугарија со модерен симулатор ги обучува идните машиновозачи на софиското метро
Софиското метро располага со современ систем за обука на идните машиновозачи, кој преку специјализиран симулатор овозможува реално пресоздавање на кабината, трасата и различни технички дефекти што можат да се појават при возењето.
Посетителите на денот на отворени врати во депото „Землјане“ имаа можност одблизу да се запознаат со симулаторот на кој се обучуваат идните машиновозачи во главниот град на Бугарија, јавува БГНЕС.
„Симулаторот е дел од обуката, која за новите машиновозачи трае приближно шест месеци. Тој во целост ја пресоздава кабината на машиновозачот и трасата“, изјави за БГНЕС Асен Иванов, машиновозач-инструктор во депото „Землјане“.
На почетокот од обуката кандидатите се запознаваат со копчињата, управувањето и функциите на возот, по што следува практичниот дел, во кој учат да ја управуваат композицијата и да реагираат во различни ситуации.
Симулаторот им овозможува на инструкторите вештачки да создаваат технички дефекти и да ги следат реакциите на кандидатите.
„Симулаторот ги има апсолутно сите функции што ги има и возот. Како инструктори можеме дополнително да задаваме дефекти, при што се следат реакцијата на машиновозачот и времето што му е потребно за да ги отстрани“, рече Иванов.
Меѓу главните предизвици за идните машиновозачи е брзото снаоѓање со екраните, копчињата и различните менија за управување, особено при појава на невообичаени ситуации.
Голем дел од метро-станиците во Софија имаат заштитни врати на пероните, со што се намалува ризикот патник да падне на шините. Сепак, машиновозачите се соочуваат со други проблеми во секојдневното работење.
„Може возот да не се позиционира точно или некој патник да ја задржи вратата. Тоа се почестите ситуации што се случуваат кај нас“, објасни Иванов.
По обуката на симулатор и теоретскиот дел, кандидатите минуваат и приближно едномесечна практична обука на реалната траса, каде што управуваат со возовите под надзор на искусен машиновозач.
Иванов оцени дека техниката на третата линија од софиското метро е модерна и со висок степен на автоматизација.
„Располага со ниво на автоматизација 3, кое е едно од највисоките и овозможува движење дури и без машиновозач. Од аспект на безбедноста, тоа е највисокото ниво што може да го има во Европа. Нашето метро е едно од најмодерните во Европа и треба да се гордееме со него“, изјави тој.
Според Иванов, неодамна набавените 20 нови метро-композиции се сигурни и обезбедуваат висок степен на безбедност.
Денот на отворени врати во депото „Землјане“ им овозможи на посетителите да го видат симулаторот и да се запознаат со подготовките што машиновозачите ги минуваат пред самостојно да управуваат со возови со патници.

