ХЕЛСИНШКИ СО ПРИЈАВА ЗА ЌУЛАВКОВА ЗА ТВИТОТ ЗА СОЖИВОТОТ
Хелсиншкиот комитет за човекови права денеска поднесе пријава против академик Катица Ќулавкова за нејзината изјава на социјалните мрежи, со која поттикнува нетрпеливост помеѓу етничките заедници. Нејзиниот твит „Цената на соживотот ја плаќаме со животот.“ имплицира дека причината за ширењето на вирусот се меѓуетничките односи, а не општо распространетото непочитување на мерките. Имајќи предвид дека во нашата држава доминира говорот на омраза токму на етничка основа, ширењето и поттикнувањето на таквиот говор има посебна тежина, затоа што води кон злосторства од омраза, односно кон распламтување на националистичките страсти. А тие по дефиниција се разорни за ранливото социјално ткиво и имаат потенцијал за да ја нарушат националната безбедност. Особено е опасно кога таквиот говор го применуваат интелектуалци, политичари, новинари и други личности со поголемо општествено влијание.
Иако праксата покажува дека обвинителството и судот речиси никогаш не ги процесираат случаите на говор на омраза, сметаме дека е неопходно да се осудат постапките на сите јавни личности кои влијаат кон продлабочување на поделбите и разгорување на омразатa. Истовремено, апелираме до сите граѓани и општествени чинители да покажат повисока свест и одговорност и да не дозволат ескалација на овие исклучително негативни појави, стои во соопштението на оваа невладина организација.

