Нови хируршки методи во Клиниката за урологија – повеќе нема потреба од лекување во странство
Министерот за здравство, Азир Алиу, заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денес ја посетија Клиниката за урологија, каде беше завршена реконструкција на установата.
„Продолжуваме со унапредување на здравствените установи. Денес сме на Клиниката за урологија, која сега инфраструктурно и технички ги исполнува сите европски стандарди. Технологиите, методологиите и условите се усогласени со потребите на пациентите и со европските протоколи. Чекор по чекор, здравството станува поблиску до граѓаните и сè повеќе европско. Во клиниката веќе се вработени 20 стручни лица, а во наредниот период ќе претставиме и нови инвестиции во други установи,“ изјави министерот Алиу.
Директорот на клиниката, д-р Башким Шабани, информираше дека во реконструкцијата се вложени околу 300 илјади евра.
„Воведовме две нови хируршки методи, со што повеќе нема потреба пациентите да се испраќаат на лекување во странство. Во тек е и реновирањето на Центарот за трансплантација, како и на Центарот за калкулоза за третман на уринарни камења,“ додаде д-р Шабани.
