ЕУ лидерите подготвени да посредуваат за трилатерална средба меѓу Путин, Трамп и Зеленски- најавено заострување на санкциите кон Русија
Лидерите на земјите од Европската унија изразија подготвеност да помогнат во подготовката на трилатерална средба меѓу претседателите Владимир Путин, Доналд Трамп и Володимир Зеленски, јавува БГНЕС. Ова беше соопштено во заедничка изјава на лидерите на Франција, Италија, Германија, Велика Британија, Финска, Полска, како и претседателите на Европската комисија и Европскиот совет, по телефонски разговор со американскиот претседател.
Европските лидери ги поздравија напорите на претседателот Трамп за запирање на крвопролевањето во Украина и постигнување праведен мир. Во изјавата се нагласува дека Русија „не може да има право на вето“ врз членството на Украина во ЕУ или НАТО и дека Киев сам треба да ги донесе одлуките за својот територијален интегритет.
Тие исто така истакнуваат дека Украина мора да добие „железобетонски безбедносни гаранции“ и најавија продолжување на притисокот врз Русија преку нови и построги санкции. „Додека убиствата во Украина продолжуваат, подготвени сме да вршиме притисок врз Русија. Ќе продолжиме да ги заоструваме санкциите и да ги прошируваме економските мерки за да ја ослабиме руската воена економија, сè додека не се постигне праведен и траен мир,“ се наведува во заедничката изјава.
