Макрон: Путин е „ѕвер пред нашите врати“, Европа не смее да биде наивна
Францускиот претседател Емануел Макрон предупреди за заканата која, според него, претставува Русија за Европа, нарекувајќи го Владимир Путин „предатор“ и „чудовиште пред нашите врати“, кое мора постојано да „се храни“ за да „преживее“, јавува БГНЕС.
„Од 2007-2008 година, од интервенцијата во Грузија, претседателот Путин ретко ги почитувал своите обврски. Тој постојано бил дестабилизирачка сила и се стремел да ги преразгледува границите за да ја прошири својата моќ“, изјави Макрон, пренесува АФП.
Тој додаде дека Русија станала „трајна дестабилизирачка сила и потенцијална закана за многумина“. „Држава која вложува 40% од буџетот во воена опрема, која мобилизира армија од над 1,3 милиони војници, нема да се врати кон мир и отворен демократски систем од денес за утре“, нагласи Макрон.
„За да опстане, тој (Путин) мора да продолжи да се храни. Затоа е предатор, огромен ѕвер пред нашите врати. Не велам дека утре Франција ќе биде нападната, но тоа е закана за Европејците. Не смееме да бидеме наивни“, додаде францускиот лидер.
Интервјуто беше дадено по средбата во Вашингтон меѓу Доналд Трамп и неколку европски лидери, на која беше најавена средба меѓу украинскиот претседател Володимир Зеленски и Владимир Путин.
Во друго интервју, сепак, Макрон јавно изрази сомнеж дека е можен брз мировен договор. „Кога ќе ја погледнам ситуацијата и фактите, не гледам дека претседателот Путин сака мир во овој момент, но можеби сум премногу песимистичен“, рече тој.

