| |

Швајцарија и Австрија подготвени да го примат Путин за мировни преговори

Швајцарија и Австрија изјавија дека би го примиле рускиот претседател Владимир Путин доколку дојде на мировни преговори за Украина, иако против него е издадена потерница од Меѓународниот кривичен суд (МКС), јавува БГНЕС.

Францускиот претседател Емануел Макрон предложи средбата меѓу Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски да се одржи во Европа, во „неутрална земја, можеби Швајцарија“. „Јас инсистирам на Женева“, изјави Макрон во интервју емитувано на 19 август на францускиот канал LCI.

Швајцарскиот министер за надворешни работи Игнацио Касис истакна дека под одредени услови Путин би можел да стапне на швајцарска територија. „Минатата година владата утврди правила за давање имунитет на лице за кое има меѓународна потерница – ако тоа лице доаѓа за мировна конференција, а не по лични причини“, објасни тој. Касис додаде дека Швајцарија е целосно подготвена да биде домаќин, иако односите со Русија се заладени откако Берн се приклучи на санкциите на ЕУ.

Во Австрија, канцеларијата на владата порача дека доколку преговорите се одржат во Виена, ќе се консултира со МКС „за да се овозможи учеството на претседателот Путин“. Канцеларот Кристијан Штокер потсети дека веќе ја понудил австриската престолнина како место за дијалог при посетата на Зеленски во јуни. „Нашата престолнина има долга традиција како центар за меѓународни разговори“, нагласи тој.

И покрај тоа што Австрија е членка на ЕУ, но не и на НАТО, нејзините односи со Москва се значително нарушени по руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година.

Минатиот месец Швајцарија дозволи учество на руската делегација на собир на претседатели на парламенти, каде што присуствуваше Валентина Матвиенко, претседател на Советот на Федерацијата. Берн образложи дека постапил во согласност со меѓународното право, нагласувајќи дека може да се дозволат исклучоци од патните ограничувања „особено кога станува збор за меѓународни конференции“.

Путин е под потерница од МКС за воено злосторство поврзано со незаконската депортација на украински деца. Последната негова посета на Женева беше во јуни 2021 година, за средбата со тогашниот американски претседател Џо Бајден. Последните директни руско-украински мировни разговори се одржаа во Истанбул.



Слични Објави