Калас: Подготвуваме нов пакет санкции против Русија
Високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, изјави дека „единството меѓу лидерите на ЕУ за Украина на денешниот виртуелен самит било видливо“, јавува БНР.
Според неа, сите лидери остануваат посветени на постигнување траен мир што ќе ги заштити виталните безбедносни интереси и на Украина и на Европа. Таа најави дека темите за безбедноста на Украина и новите санкции против Русија ќе бидат во фокусот на разговорите следната недела меѓу министрите за надворешни работи и одбрана на Унијата.
Калас предупреди дека на рускиот претседател Владимир Путин „не може да му се верува“ и нагласи дека гаранциите за безбедност мора да бидат доволно силни и сигурни за да ја одвратат Русија од ново прегрупирање и евентуална повторна агресија.
Таа најави дека економскиот притисок кон Москва ќе продолжи со 19-от пакет санкции, кој според неа ќе биде готов до следниот месец. Санкциите ќе бидат насочени кон руската воена економија.
Високата претставничка додаде дека ЕУ ќе продолжи да придонесува за безбедносните гаранции на Украина преку обука на војници и зајакнување на нејзините одбранбени капацитети.
Паралелно, украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека работата на овие гаранции веќе е започната, додека британската влада соопшти дека европски претставници во наредните денови ќе се сретнат со американски официјални лица за да ја продолжат дискусијата за гаранциите за Украина.

