|

Османи до Мицкоски: „Албанците ќе одлучат сами кој ќе ги претставува“

Кандидатот за градоначалник на Чаир од редовите на ДУИ, Бујар Османи, остро реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, кој најави дека ДУИ ќе заврши во опозиција по следните избори. Османи истакна дека пораките на Мицкоски во јавноста се во спротивност со тие што приватно доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ:

„Нормално, премиерот во јавност дава такви пораки… Меѓутоа не пушта такви пораки во приватните канали. Други пораки се праќаат до ДУИ за да се затоплат односите.“

Тој ги нарече навредливи обидите Албанците да се третираат како „пазарна категорија“:

„Албанците нема да дозволат така некој да ги потчини… туку ќе гласаат на избори и ќе одлучат сами кои ќе ги претставува.“

Османи го обвини Мицкоски дека се обидува да инсталира „свои“ Албанци во институциите без легитимитет:

„Треба да седнам во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, ако станам пријател со Мицкоски и тој да ми постави министер“, вели Османи.

Повикајќи се на примерот од Косово со Рахман Морина, тој порача дека Албанците нема да прифатат некој друг да одлучува во нивно име. Според него, анкетите јасно ја покажуваат предноста на неговата партија:

„Анкетите покажуваат 3 спрема 1 победа на Алијансата за интеграција наспроти ВЛЕН.“

Османи заклучи дека дволичниот однос на власта е несериозен и дека ВМРО-ДПМНЕ води албанофобична реторика во јавноста, додека зад сцената испраќа поинакви пораки:

„Јас морам да бидам искрен, затоа што не можам веќе да ги слушам овие различни ставови – едно приватно, едно јавно“, вели Османи.



Слични Објави