Во бугарскиот град Шумен беше откриен споменик на првиот бугарски монарх кнез Александар I Батенберг
Варненскиот и Великопреславски митрополит Јоан денес го освети бистa-споменикот првиот бугарски монарх кнез Александар I Батенберг во Државното претпријатие „Кабиjук“. Автор на монументот е скулпторот Бехчет Данаџа, соопшти БТА.
На присутните им беше прикажана историска реконструкција на донесувањето на одлуката за прогласување на Соединението на Бугарија од страна на кнезот Александар Батенберг. Беа положени венци и цвеќиња, а почитта кон државникот беше оддадена со приклонување на колена.
На свеченоста присуствуваа: гувернерката на Шумен, Катја Иванова, градоначалникот на Шумен проф. Христо Христов, пратениците Љубомир Христов, Џејхан Ибрјамов, Хамид Хамид и Веселин Вешев, заменик-министерот за земјоделство и храна Јанислав Јанчев, како и кметови од регионот, раководители на државни институции, универзитетски професори, воени претставници и граѓани.
Свои обраќања имаа митрополитот Јоан, градоначалникот Христо Христов, Христо Драгозов – претседател на Иницијативниот комитет за подигање на споменикот, како и раководители на институции поврзани со претпријатието „Кабијук“. Беше прочитан и поздравен адрес од претседателката на бугарското Народно собрание Наталија Киселова.
Митрополит Јоан нагласи дека, иако кнезот Александар бил протестант по вероисповед, тој никогаш не се обидувал да ја наруши православната традиција во Бугарија. Напротив, секогаш покажувал голема почит кон бугарското свештенство, а неговото име е поврзано со поставувањето на темелниот камен на патријаршискиот храм „Св. Александaр Невски“ во Софија и на катедралата „Успение Богородично“ во Варна.
Градоначалникот Христо Христов изјави дека со овој споменик Бугарија и Шумен не само што оддаваат почит, туку испраќаат порака дека ја продолжуваат историјата. „Кнезот Александар Батенберг во ‘Кабијук’ ја донесе одлука да го поддржи Соединението на Кнежевството Бугарија и Источна Румелија – чекор кој ја отвори новата бугарска историја. Овој споменик е симбол не само на минатото, туку и на потребата денес Бугарија да има лидери со карактер и да се брани националното единство,“ истакна Христов.
За церемонијата од Шумен до „Кабијук“ беше организиран бесплатен превоз за граѓаните. Средства во износ од 30 илјади лева за изградбата на бистa-споменикот беа одобрени од Општинскиот совет на Шумен кон крајот на јули. Идејата за споменикот на кнез Александар I беше поднесена од Иницијативен комитет во декември 2024 година и доби зелено светло од Обласната комисија за воени споменици.

