Георги Пејачевич- еден национален херој од пред три века
Проф. д-р Пламен Павлов
Георги Пејачевич е најпознатиот од водачите на Чипровското востание во 1688 година. Роден во Чипровци во 1655 година, тој е братучед на сoфискиот католички архиепископ Стефан Кнежевич (1623/1625-1691), помошник и наследник на познатиот духовник и интелектуалец Петар Богдан Бакшев. Фамилијата Пејачевичи е во блиски роднински врски со оние на Кнежевичи и Парчевичи. Семејното предание ги поврзува овие знаменити чипровски родови со средновековното болјарство, а градот Кнежа е сочен како „нивна тврдина“. За заеднички прародител се смета босанскиот аристократ Парчија Добиаш-Кнежевич, кој се нашол во Бугарија во 60-тите години на XIV век.
Ѕвездата на Георги Пејачевич изгреала за време на т.н. „Голема турска војна“ (1683-1699). По разгромот на османлиската војска кај Виена (11-12 септември 1683 година) војските на Хабсбуршката империја преминуваат во офанзива, достигнувајќи ги балканските поседи на султанот. Во пролетта 1688 година Георги Пејачевиќ, дејствувајќи со поддршка на архиепископот Стефан Кнежевич, се приклучува на австриска страна со коњанички одред од бугарски доброволци и учествува во заземањето на силната тврдина Оршова.
Кон Австријците со своите луѓе се приклучува и Богдан Маринов, роднина на католичкиот епископ Илија Маринов (1577/1588-1641). Вестите за случувањата во непосредна близина до бугарските предели одекнуваат во Чипровци и северозападните земји. Надежта дека со победите на христијанското оружје посакуваната слобода се приближува, ги распламтува духовите.
Во тоа време Чипровци ја има стекнато славата на „цвеќето на Бугарија“ со своите рудари, занаетчии и трговци. Најпроширена во градот е католичката вера, продрена во овој бугарски крај уште во XIV век со саксонските рудари и како резултат на католичките мисии во освоеното во 1365-1369 година од Унгарија Видинско царство.
На почетокот на XVII век во Чипровци има францискански манастир, катедрален храм и две училишта. Католичката црква ги испраќа по-будните деца да го продолжат образованието во Италија. Високообразованите духовници Петар Богдан, Франческо Соимировиќ, Филип Станиславов, Петар Парчевич ги убедуваат своите сонародници дека „великото царство Бугарија“ ќе воскресне со помошта на христијанска Европа.
Во почетокот на 1688 година жителите на Чипровци, Копиловци, Клисура и Железна се зафаќаат со подготовките на замисленото со години востание. Искрата што го запалила бунтот било паѓањето на Белград во рацете на Австријците на 6 септември истата година.
Во 1938 година банатскиот бугарски историчар Јаку (Јаков) Ронков пишува: „На еден празник се вршело обиколување, при што ја извадиле од Чипровскиот манастир и иконата на Света Богородица. При обиколувањето забележале дека иконата проплакала. По лицето ѝ течеле солзи… Старите сметале дека чудото е лошо знамение, но помладите велеле дека Мајката Божја плаче затоа што е под турско ропство… Кога австриската војска го зазела Белград и почнала да напредува, чипровци решиле дека тоа е часот да се ослободат од маките. Во тоа востание, без разлика на верата, учествувале католиците, како и Бугарите од старата (православната) вера, кои можеле да носат оружје. Ѓука (Георги) Пејачевич со бугарски момци ја зазел од Турците Оршова. Тоа го натерало царот (императорот) Леополд да даде помош на Бугарите. Кога австриската војска се приближила, цела Западна Бугарија се кренала…“
Четите на Георги Пејачевич и Богдан Маринов биле вклучени во корпусот на генерал Јохан Хајслер, кој напредувал во населеното со Бугари Поморавие (денес во Србија). Во Чипровското востание од градот, Копиловци и околните села зеле учество осум чети, предводени од браќата Иван и Михаил Станиславови, Лука Андренин, Крсте Кислин, Мито Попов и други војводи.
Командувањето со востаниците во Чипровци го презел Матеја Пејачевич, таткото на Георги Пејачевич, а Иван Станиславов бил нивен барјактар. При започнатите воени дејствија водечка е улогата на Георги Пејачевиќ, кој веќе имал стекнал воено искуство и авторитет.
Востаниците изградиле утврден логор во местноста Жеравица. Уште повеќе, под заповедништвото на Пејачевиќ им нанеле пораз на турско-унгарските сили, предводени од османлискиот сојузник и водач на унгарските протестанти гроф Имре Тјокјоли. Востаниците ја зазеле Кутловица (денешна Монтана), но Видин, каде што имало силен гарнизон, останал во рацете на Османлиите.
Информациите за организацијата на востанието се оскудни. Следува да се запрашаме зошто востаниците не го прогласиле за заеднички предводник токму Георги Пејачевич? Очигледно си го кажала зборот политичката незрелост, но „заслуга“ веројатно имала и австриската страна, која избегнувала да се ангажира со бугарските планови. Наесен армијата го запрела настапувањето и ги оставила Бугарите на милост и немилост.
Како што во 1725 година пишува самиот Георги Пејачевич: „… бугарскиот народ, кога се крена од четирите спомнати градови Чипровец, Копиловец, Железна и Клисура, го нападна градот Кутловица, откаде ги прогони непријателите и многумина од нив уби… Тие (востаниците) заврзаа жестока битка, без да имаат поддршка од никаде. Неколкуте илјади не можеа да го издржат налетот на непријателите. Поради тоа беа убиени заедно со своите семејства, а други беа одведени во ропство…”
Во текот на борбите Имре Тјокјоли им понудил на бугарските првенци почести и имоти во Трансилванија, но тие решително одбиле. Тјокјоли добил засилувања, а отпорот бил скршен. Дел од бранителите успеале да се спасат во Балканот и да се упатат кон Влашко, илјадници биле убиени или одведени во ропство, а цветниот град бил претворен во пепелиште. Победниците тргнале назад со повеќе од 100 коли натоварени со плен. Останатите населби исто така биле опустошени. Десетина години по настаните – забележува еден современик – во нив „… немало ниту еден човек…”
По погромот на востанието со одред од 600 души Георги Пејачевиќ ги штител бегалците при нивното преселување на север преку Дунав. Војводата го продолжил учеството во војната, поддржувајќи го австриското настапување кон Ниш, Пирот и Драгоман, достигнувајќи речиси до Софија, а за кратко време повторно влегол во Чипровци.
Повеќе од веројатно е дека, кога во 1689 година се наоѓал во Ниш, Пејачевич стапил во врска со друг бугарски водач – војводата Страхил од Ветрен, Пазарџишко, кој заедно со своите луѓе исто така бил во Ниш, повторно на страната на Австријците. Како што е познато, Страхил дејствувал заедно со востаничкиот „крал“ Карпош, утврден во Куманово, денешна Северна Македонија – индиректна насока дека е можно бугарските водачи да имале заеднички планови.
Да се надеваме дека ќе бидат откриени податоци дека востаничките движења во Бугарија, вклучувајќи го т.н. Второ Трновско востание, имале пошироки замисли. Така или инаку, австриската кампања завршила безуспешно, а Пејачевич тргнал по патот на егзилот…
Во наредните години Георги Пејачевич бил на австриска служба, но не престанал да мисли за ослободувањето на Бугарија. Дворскиот воен совет на Хабсбуршката империја му доверувал на храбриот Бугарин важни задачи, во кои учествувале и неговите браќа Никола, Иван и Марко. Во 1708 година тој патувал тајно во Цариград како императорски пратеник, а истовремено имал можност да ја дознае состојбата во бугарските земји.
Поради своите заслуги во 1712 година браќата Пејачевичи биле удостоени со баронски титули од император Карл VI, а самиот Георги Пејачевич бил назначен за заменик-губернатор на Бачкиот комитат. Починал на 18 март 1725 година во Бач (денес во Војводина, Србија). Фамилијата продолжила по линијата на Никола, споменатиот брат на Георги.
Во 1772 година императорката Марија Терезија ги вклучила Пејачевичи во составот на хрватската висока аристократија со наследната титула „гроф“. Видни претставници на родот се историчарот Франц Ксавер де Пејачевиќ (1707-1781), гроф Антун Пејачевич (1749-1802), двајца банови на Хрватска – Ладислав (1824-1901) и Теодор Пејачевич (1855-1928), композиторката Дора Пејачевич (1885-1923), како и други значајни личности од хрватската политичка, академска и културна елита.
