Невреме во Скопје, паднати кровови во Чаир, Ѓорче Петров и на булеварот Партизански одреди
Во Скопје попладнево дува силен ветер, делови од градот се без електрична енергија, а според информациите од Центарот за управување со кризи има два големи пожари и тоа во Скопска Црна Гора меѓу селата Црешево и Брњарци и меѓу селата Крушопек и Лока, но и на други места.
Од ЦУК велат дека се чека да се намали силината на ветрот за да се испратат воздухоплови за гаснење на овие пожари. Силниот ветер предизвика и материјална штета. За среќа според досегашните информации во невремето нема пријави за повредени лица.
Според информациите има паднати кровови од згради во Чаир, во Ѓорче Петров, на булеварот Партизански одреди во близина на бензинската пумпа на Окта.
Од ЦУК информираат дека надлежните служби внимателно ја следат состојбата, и дека се во постојана координација со сите релевантни служби на терен. Се повикуваат граѓаните кои имаат претрпено материјални штети или воочат дополнителни ризици, веднаш да се јават на бројот за итни повици 112.
