|

Невремето го прекина 38. Охридски пливачки маратон

Попладнево силно невреме со силен ветер и високи бранови го прекина 38. Охридски пливачки маратон. Трката беше сопрена во 14:30 часот, во близина на хотел „Гранит“.

Судијата Марјан Бошалевски истакна дека условите станале премногу опасни за продолжување на натпреварот. „Големото невреме проследено со високи бранови предизвика проблеми кај пливачите. Констатирана е моменталната состојба на маратонците и по сублимирање на податоците ќе биде прогласен победникот. Согласно правилата, доколку временските услови не дозволуваат по поминати две третини од патеката, трката се прекинува“, појасни тој.

Во моментот на прекинот, натпреварувачите буквално се бореле со брановите кај хотел „Гранит“. Трката започна во 10 часот наутро од Свети Наум, а финишот беше предвиден за околу 16 часот на охридското пристаниште.

Организатор на маратонот е пливачкиот клуб „Охридски бранови 2008“, а настанот се одржува под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, Министерството за спорт, Пливачката асоцијација на Северна Македонија и Општина Охрид.

Слични Објави