Ковачевски: Македонскиот јазик во ЕУ ќе биде еднаков со сите европски јазици, потребна е државничка одлука за иднината

/

Нашата земја е пред многу важна одлука за нејзината иднина и остварување на уште една стратешка цел, отворање на преговорите со Европската Унија со зачуван и обезбеден македонски јазик во Европската Унија, што значи конечно затворање на сите идентитетски прашања. Европскиот предлог е важен чекор со кој ќе се надмине блокадата и кој ќе ја приближи Северна Македонија до членство во ЕУ.

Ова беше констатирано на денешниот состанок на премиерот Димитар Ковачевски, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи со претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, присутните членови на делегацијата и амбасадорот на Европската Унија во земјава Дејвид Гир.
 
Како што информира владината прес-служба, премиерот Ковачевски на средбата упати благодарност до претседателката на Европската Комисија Фон дер Лајен за континуираната цврста поддршка и лична заложба за Република Северна Македонија да добие датум за преговори без понатамошни одлагања, со оглед на тоа што иднината на Западен Балкан e во Европската Унија.

Ковачевски подвлече дека во овие клучни моменти за државата кога треба да се носат мудри и државнички одлуки, присуството на претседателката на Европската комисија е јасен сигнал за поддршката на евроинтегративните процеси на Северна Македонија.

На билатералната средба премиерот Ковачевски рече дека Владата останува цврсто кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, што всушност е потврда и со европскиот предлог.

Тој додаде дека очекува да биде поддржан од сите политички субјекти во Собранието преку носење на натамошни заклучоци за европскиот предлог, согласно собраниските процедури.

-Имаме предлог кој гарантира чист македонски јазик во ЕУ, историски и билатерални прашања надвор од преговарачката рамка, потенцираше премиерот Ковачевски на состанокот во Владата.



Извор: zoom.mk



Претходна статија

Пендаровски: Прифаќањето на францускиот предлог ќе овозможи деблокада на евроинтеграциите

Следна статија

Фон дер Лајен: Почитувани Македонци, нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик и ние целосно го почитуваме тоа

Најново од Вести