| |

Со полагање цвеќе пред Споменикот на украинските војници и бугарските ополченци во Киев беше одбележан 3 Март

Во Киев беше организирана церемонија на полагање цвеќе пред Споменикот на украинските војници и бугарските ополченци по повод националниот празник на Бугарија – 3 Март, соопшти Амбасадата на Бугарија во Украина, пренесува БТА. Настанот се одржа во близина на Зверинецкото гробиште и беше организиран од бугарската заедница во Киев, Друштвото за бугарска култура „Родољубие – проф. Иван Стојанов“, Друштвото за пријателство „Украина-Бугарија – Јуриј Иванович Седих“ и Амбасадата на Бугарија.

Церемонијата започна со химните на Украина и Бугарија, по што беше одржана заупокојна молитва и беа положени цвеќиња во чест на загинатите војници.

Раководителката на бугарската дипломатска мисија во Украина, Елена Слатинска-Ованезова, истакна дека 3 Март ја симболизира реализацијата на бугарската надеж за слобода по петвековното османлиско владеење. „Нашата слобода не е подарок, туку тешко извојувана победа, заснована врз саможртвата на бугарските ополченци и на многу други воини – меѓу нив Украинци, Полјаци, Финци, Литванци и Грузијци“, рече таа.

Таа потсети дека во ослободувањето на Бугарија учествувале бројни украински полкови и офицери и нагласи дека украинскиот народ и украинските Бугари дале значaeн придонес во борбата за слобода. Според неа, стотици доброволци од Бесарабија биле дел од бугарското ополчение, а илјадници Украинци учествувале во Руско-турската војна, во борбите кај Плевен и Шипка.

Слатинска-Ованезова го истакна и придонесот на генерал Михајло Драгомиров, кој го форсирал Дунав кај Свиштов и чии единици пристигнале навреме за одбраната на Шипка.

Во обраќањето таа нагласи и дека Бугарија ја поддржува независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници, додавајќи дека оваа позиција е потврдена со седум одлуки на бугарското Народно собрание.

На церемонијата се обратија и претставници на бугарската заедница и академската средина во Киев, кои ја истакнаа важноста од зачувување на историската меморија и бугарско-украинските врски.

Слични Објави