| |

НИКОЛА ДИМИТРОВ СО УЧЕСТВО НА НЕФОРМАЛНИОТ СОСТАНОК НА МИНИСТРИТЕ ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ НА ЗЕМЈИТЕ-ЧЛЕНКИ НА ЕУ И ЗЕМЈИТЕ КАНДИДАТИ ЗА ЧЛЕНСТВО

На покана на Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини и министерката за Европа, интеграција и надворешни работи на Австрија Карин Кнајсл (во својство на земја претседавач со Советот на ЕУ), денес министерот за надворешни работи Никола Димитров учествуваше на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ и земјите-кандидати за членство во ЕУ, кој се одржа во Виена.

Дискусиите на сесијата беа фокусирани на прашања поврзани со ефективниот мултилатерализам, како еден од приоритетите на Австриското претседателство со Советот на ЕУ и Глобалната стратегија за надворешната и безбедносна политика на ЕУ.

Министерот Димитров ги поздрави заложбите на Австриското претседателство за приближување на земјите од Регионот со ЕУ преку процесот на проширувањето, како стратешка инвестиција во мирот, демократијата, просперитетот, безбедноста и стабилноста во Европа.

 

Во тој контекст Димитров изјави:

„Единствената одржлива визија за стабилен Балкан е европската – сите ние работиме на демократски реформи и реформи во владеењето на правото со цел да ја споделиме европската иднина без граници. Време е за нас во Регионот и државите – членки да забрзаме напред.”

Во однос на темата на сесијата, „Ефективниот мултилатерализам”, Министерот го нагласи парадоксот на денешницата кој треба да го избегнуваме, односно дека наместо затворање и свртување кон себе, потребна е засилена соработка меѓу државите со цел успешно справување со зголемените предизвици во светот.

 

Веднаш по состанокот на ГИМНИХ, министерот Димитров учествуваше и на неформалниот работен ручек на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ со министрите за надворешни работи на земјите од Југоисточна Европа и Труција. Ручекот организаран од Австриското претседателство како специјален пост-ГИМНИХ настан беше посветен на темата „Инфраструктура и дигитално поврзување.”

Во текот на вчерашниот ден, МНР Димитров присуствуваше на приемот кој за учесниците на GYMNICH го приреди австрискиот претседател Александер ван дер Белен.

За време на настанот, министерот Димитров имаше повеќе разговори со свои колеги и други високи учесници и тоа со: МНР на Албанија Дитмир Бушати, МНР на Бугарија Екатерина Захариева, МНР на Грција Никос Коѕијас, МНР на Ирска Симон Ковени, МНР на Луксембург Жан Аселборн, МНР на Турција Мевлут Чавушоглу, МНРЕИ на Хрватска Марија Пејчиновиќ Буриќ, МНР на Црна Гора Срѓан Дармановиќ, ЗМНР на Шведска Аника Содер, МНР на Шпанија Жозеп Борељ, како и со ВП Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

 

превземено :http://mfa.gov.mk/index.php?option=com_content&view=article&id=2792:uchestvo-na-ministerot-nikola-dimitrov-na-neformalniot-sostanok-na-ministrite-za-nadvoreshni-raboti-na-zemjite-chlenki-na-evropskata-unija-i-zemjite-kandidati-za-chlenstvo-vo-eu-gymnich&catid=52:soopstenija-do-javnosta&lang=mk&Itemid=684

Слични Објави