На Шипка отворена изложбата „Долгиот пат на националната химна“
На 30 август, во рамките на Националното одбележување на 148-годишнината од Шипченската епопеја, беше отворена изложбата „Долгиот пат на националната химна“ кај величествениот Споменик на слободата на врвот Шипка. Токму на ова историско место, каде пред еден и пол век се решавала судбината на бугарската слобода, оживува една помалку позната приказна – историјата на бугарската национална химна, јавува БТА.
Изложбата ја раскажува приказната за патот на бугарските химни од Ослободувањето до денес. Преку 16 паноа посетителите можат да проследат како песната за татковината ги придружувала најзначајните настани во историјата. Претставени се ретки фотографии, документи, материјали, разгледници и дури изборни билтени од архивата на БТА, кои овековечуваат клучни моменти поврзани со државноста.
Експозицијата ќе биде достапна за разгледување до 8 септември – датум со особено значење, бидејќи тогаш се навршуваат 61 година откако „Мила Родино“ е прогласена за официјална химна на Република Бугарија, потсетува авторката и уредничка на изложбата Деница Рахнева.
Одбележувањето на Шипченската епопеја се одвива под покровителство на претседателот на Република Бугарија и обединува институции, општествени организации и гости од целата земја. Секоја година овој настан претставува поклон пред хероите и празник на слободата, кој потсетува зошто симболите како химната и националното знаме се толку важни за Бугарите.
