Златен медал за РС Македонија на Европската јуниорска олимпијада по информатика во Шумен, Бугарија
На 9-тата по ред Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2025), која од 29-ти август до 4-ти септември се одржува во Шумен, Бугарија, младите информатичари од Република Северна Македонија постигнаа огромен успех освојувајќи еден златен и еден бронзен медал.
Златниот медал за Република Северна Македонија на овој најпрестижен интернационален натпревар во програмирање за ученици на возраст до 15,5 години го освои Владимир Грчев од Кочани, а бронзениот медал го освои Марко Кренков од Струмица.
Членови на македонскиот тим беа уште и Зоран Илијоски од Кичево и Јаков Грујовски од Скопје. Тимот беше раководен од лидерите, Иван Занов и Петар Ковачовски, студенти од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
Официјален домаќин на ЕЈОИ 2025 е Република Бугарија, а главен организатор на настанот е Министерството за образование и наука на Бугарија.
Следната, 10-та по ред, Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ 2026) треба да се одржи идната година во Турција. Следен настан пак, кој им претстои на учениците – информатичари, е Балканската олимпијада по информатика (БОИ 2025), која ќе се одржи од 25-ти септември до 1-ви октомври во Удине, Италија.

