| |

Митов: Колку поподготвени се сојузниците, толку посилен ќе биде НАТО

„За Бугарија е чест и одговорност да ја организира најголемата вежба по линија на цивилна заштита во рамките на НАТО, на која ќе ја тренираме нашата реакција при кризи“, изјави министерот за внатрешни работи Даниел Митов пред медиумите по почетокот на вежбата „BULGARIA 2025“. На отворањето присуствуваше и заменик генералниот секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, јавува БГНЕС.

Меѓународната вежба за управување со вонредни ситуации „BULGARIA 2025“ се одржува на аеродромот во Ерден, општина Бојчиновци, во соработка со НАТО. Целта е тестирање на капацитетите за одговор на природни катастрофи, индустриски несреќи, хибридни закани и комплексни вонредни ситуации.

Во вежбата учествуваат околу 1200 претставници од повеќе од 40 држави и организации. Ќе бидат симулирани различни сценарија, меѓу кои земјотрес, терористички напад и технолошки колапс, а ќе се испитуваат и процедурите за логистичка поддршка при прием на меѓународна помош. Целта е да се провери подготвеноста на Бугарија и НАТО за заштита на населението и спасување човечки животи.

„Со оваа вежба не само што ќе се подобри координацијата меѓу земјите и институциите во Бугарија, туку ќе се идентификуваат и слабостите и ќе се најдат начини за нивно надминување“, додаде Митов.

Главниот директор на Дирекцијата „Пожарна безбедност и заштита на населението“, главен комесар Александар Џартов, истакна дека ваквите вежби се од исклучително значење. „ Ги надградуваме нашите вештини, ја тестираме системата на државно ниво, а заедничките тимови мора да имаат услови за ефикасна работа. На терен ќе делуваат стотици луѓе, што бара постојана координација меѓу пожарна, гранична, национална полиција и други институции“, рече Џартов.

Вежбата се организира заеднички од Дирекцијата „Пожарна безбедност и заштита на населението“ при МВР, Евро-атлантскиот координациски центар за реагирање при катастрофи на НАТО (EADRCC) и Центарот на НАТО за управување со кризи и одговор на катастрофи во Бугарија (CMDR COE).

Слични Објави