Утре започнува увидот за причините на пожарот во Трубарево
Увидот на лице место за причините што доведоа до големиот пожар во скопското село Трубарево ќе започне утре, информираат од Јавното обвинителство.
Екипите што ќе работат на терен ќе бидат координирани од јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје. Според информациите, уште денеска по негова наредба тимови на СВР Скопје излегле на лице место со цел да се приберат нови докази потребни за постапката што се води за загрозување на животната средина со отпад.
Од Обвинителството додаваат дека во континуитет се преземаат повеќе дејствија за обезбедување и анализа на документација поврзана со случајот.
Во меѓувреме, до Основниот кривичен суд – Скопје е доставен предлог за продолжување на мерката краткотраен притвор за нови 48 часа за сите четворица лица кои досега се опфатени со постапката.
